ММС

Вардарци заиграа како европски шампиони: Доминираа против Флензбург

Ракометарите на Вардар го победија бундеслигашот Флензбург (31:26) во натпревар од групната фаза на Лигата на шампионите. Екипата на Флензбург беше во предност само на почетокот со 2:0, а Вардар на ова одговори со четири погодоци. Оваа позитива од два гола ја одржуваше неколку минути, а потоа и ја зголеми на три при 9:6 и 10:7 – пренесе порталот 24 ракомет.

Откако гостите успеаја да се вратат и да израмнат на 10:10 работите одново дојдоа на свое место односно со неколку одлични минути „црвено-црните“ успеаја да се изборат за предност од 15:11 и ова беше највисоката предност создадена во првиот дел од средбата.

Сепак, во завршните моменти беше дозволено тимот на Флензбург да намали на два гола и на одмор беше 17:15 во корист на „црвено-црните“.

Веќе во вториот дел, Флензбург тргна добро, но работите повторно почнаа да се менуваат „во корист“ на Вардарци. На средина од второто полувреме стигнаа одново до највисоките четири гола разлика и имаа 25:21.

Вардар предводен од одличниот Стојанче Стоилов, ја одржуваше предноста постојано за сигурна победа од 31:26. Стоилов го заврши натпреварот со 8 голови, додека Дизингер и Јотиќ го завршија дуелот со по 5 погодоци во мрежата на Бергеруд, односно Буриќ.

Во редовите на Флензбург, најефикасен беше Јоханесен со 7 голови, а Јендал стигна до 4 голови.

За Вардар ова е прва победа сезонава во Лигата на шампионите, откако ова беше само втор натпревар и прв на домашен терен.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.