ММС

Преморот му го зема животот, нема да се роди такво дете, – Гостивар тагува за омилениот доктор Трајче Нешковски

Зошто Господ ги зема најдобрите! Ова прашање од вчера си го поставуваат гостиварчани, откако разбраа за трагичната смрт на нивниот омилен доктор Трајче Нешковски.  Велат во Гостивар денес улиците се празни, тагуваат сите, без оглед на вера, националност или партија, бидејќи тој луѓето не ги делел, помагал на секој на кого му требала помош.

„Мислевме дека татко му Јован, кој исто така е лекар,  е најдобриот човек, но неговиот син го надмина во добрината“, велат гостиварчани за младиот доктор Нешковски, кој вчера во сообраќајна незгода го загуби животот, откако претходно добил срцев удар.

-Работа, работа и само работа. Не застануваше. Татко му и мајка му имаа корона и тој секој ден доаѓаше да ги види. Од работа право во Гостивар. Тој беше надеж за сите, помагаше на секого. Беше матичен лекар и имаше многу пациенти пред да замине да работи во Скопје. Но, ако побараа помош не ги враќаше и тие на кои не им беше матичен. Ако имат да платат добро, ако не, здравје, не мора. Често се случуваше да тргнеме некаде со колата и тој по пат да рече: „Застани овој чичко да го видам, беше на лекар, му дадов апчиња да видам како е, дали ги пие и да му кажам кога пак да дојде“. Ние ќе му речевме- ај не сега, се брзаме, но тој не, не слушаше. Застанувавме, па  го чекавме да си ги види пациентите, велат негови блиски другари за ммс.

Генерациската разлика меѓи Трајче и Југослав не биле пречка тие да си создадат прекрасно пријателство.

„Ми беше како син, навистина го сакав како кое мое дете, ама ми побегна, ми отиде“, вели Југослав и додава:

-Од вчера не можам да спијам, не можам очи да затворам од мислење и тага. Бев во неговиот дом попладнево, но немав срце да се качам горе и да го видам во таква состојба. Не сакам да верувам во тоа што се случи. Пред една недела  бараше да одиме во „Св. Јован Бигорски“.  Беше многу побожен и постеше редовно. Мака ми е. Одамна се познаваме, имаме разлика во години, но последниве неколку години многу се задруживме. Толку многу го засакав и постојано се слушавме. Воопшто не беше алчен, полн со разбирање, весел, насмеан и многу вреден. Знаел да ми се јави доцна ноќе да позборуваме. Бил преморен и не можел да заспие. Толку многу беше предаден на работата. Ми пушташе слики како изгледа после многу саати  работа. Се шокирав. Целиот со белези по лицето од маските и визирите, вели Југослав за ммс.

На социјалните мрежи денес сите се простуваа од него. И тие што добро го познаваа, но и тие што го знаеле од кажување или му се обратиле за помош. Сите  се сложни во едно, дека за него не било важно дали некој е сиромашен, богат, која националност е или која вера, ниту  пак му била важна нечија политичка определба.

-Да, беше член на партија, но партијата немаше улога во неговата порофесија. Сите му се обраќаа и на сите им пружаше рака за помош.  Ма беше отворен, грижлив. Не се штедеше. Сега со коронава на многу луѓе им помогна и сите му се заблагодаруваа. „Трајче ми го спаси животот“, велат сите, особено оние кои последниве месеци поминуваат низ короната. Навистина се грижеше за нив. Среде ноќ да му се јавеа, ќе отидеше да ги види. Ма нема да се роди такво дете. Мислам дека ретки се доктори како него, да се грижи толку за пациентите. Нема да згрешам ако речам исто како Тоше е омилен. Затоа и цел град го жали, партиски, непартиски, сите националности.

Цело семејство се прекрасни луѓе и татко му и мајка му Светлана, која е медицинска сестра, а има и брат. Но ете.Работи, работи и само работи. Со ова коронава не му се знаеше.  Премор, само преморот му го зема животот. Нон- стоп на работа. Злато од дете. Добар, предобар. И, зошто вака се случи не можеме да се помириме, вели Југослав.

 

Денеска неговото друштво цел ден евоцирало спомени за него. Се присетувале на многу убави моменти поминати заедно.

„Пред две години му игравме на свадба, кога се женеше за Ема, а сега како да сватиме дека го нема веќе. Пред две недели го прослави вториот ден на ќеркичката Јована, крстена по татко му“, велат тие.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.