ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/3/18 9:20 AM

Македонски иноватори во Израел презентираа проекти за еврејското наследство

Младите иноватори кои победија на првиот битолски хакатон „Биталон” ги презентираа  своите проекти за еврејското наследство во Израел. Дигиталните алатки кои тие ги креираа со цел да раскажат дел од историјата на Еврејската заедница во Битола им ја донесоа турата наречена „Израел-стартап нација“, во чии рамки остварија петдневен престој во Израел.

Турнејата низ Израел вклучуваше посета на Ерусалим, Тел Авив и Хаифа, средба со водечки технолошки компании, акцелератори и лидери, но и посета на локалитети од областа на културното наследство. Македонската делегација посети и група деца со попречености кои се рехабилитираат со помош на музика.

Тие го посетија Универзитетот „Бар Илан”, но беа и во повеќе технолошки центри и акцелератори, македонските иноватори ги презентираа своите проекти инспирирани од еврејската историја и во Музејот на холокаустот „Јад Вашем” во Ерусалим, кој ја чува историјата на  6 милиони жртви на холокаустот.

„Првата идеја беше да се најдат алатки со кои младите луѓе во Македонија ќе се заинтересираат за историјата на Евреите, но излегоа поголеми работи. Младите иноватори направија дигитални алатки со кој ќе можеме да го продолжиме овој проект. Добивме повеќе одошто очекувавме. Сега веќе имаме идеи за неколку апликации“, рече амбасадорот на Израел во Македонија, Дан Оријан.

Врвни израелски стартап центри пред македонската делегација презентираа како успеале да ги лансираат своите бизнис идеи.

Македонската делегација се запозна и со проектот со кој што оваа година Израел, покрај само неколку други земји во светот, ќе лансира ракета во вселената со модул кој треба да слета на месечината.

Израел е релативно мала земја со нешто помалку од 9 милиони жители. Стара е само 70 години. Нема речиси никакви природни ресурси и е лоцирана во конфликтното опкружување на Блискиот исток. Сепак, оваа земја има повеќе стартапи од поголемите земји кои не се соочуваат со војна, како што се Јапонија, Кина, Индија, Канада и Велика Британија. Израел исто така успеа да создаде најмногу компании регистрирани на NASDAQ берзата и да изгради вибрантен стартап и иновациски еко-систем, на кој може да и подзавидат и поголемите земји.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1