ММС

Заев од Куманово: Борбата на сегашните генерации е да обезбедиме развиена, безбедна и силно меѓународно интегрирана држава

Никогаш не смеат да се заборават жртвите на претходните генерации поради чиј самопрегор, денес Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сите постулати на државност, рече од Куманово, претседателот на Владата Зоран Заев од свеченото одбележување на 11 Октомври – Денот на Народното Востание на Спомен Костурницата, каде што бројни делегации положија свежо цвеќе.
Куманово е град херој, а поради храбрите борци од НОБ, рече претседателот на Владата сите имаат патриотска должност да се обединат во создавање на праведно општество. 11 Октомври, е почетокот на сенародната борба против формите на фашизам, репресии и неправда, а денес истакна местото на државата во Обединетите нации кристално и недвосмислена потврда за македонскиот идентитет и македонскиот јазик кој се користи во меѓународните институции.
Ваквите настани, смета претседателот на Влдата, ги потврдуваат европските и демократски вредностите по кои треба да се продолжи, а сега повикот е обезбедување меѓународно интегрирана држава.
Во претходниот мандат потсети Заев, постигнат е договорот за добрососедство со Бугарија и договорот од Преспа, со што, истакна ,Северна Македонија се проби на меѓународен план и стана успешна приказна која го менува наративот на Балканот, земја сојузник со соседите, што е значајно во пандемијата.

– Сето ова се реализираше првенствено низ полноправно членство на нашата држава во НАТО и со утврдување на почетокот за преговори со ЕУ, како и низ градење партнерки односи со сите наши соседи, рече премиерот.

Осврнувајќи се на НАТО, претседателот на Владата истакна дека државата станува фактор на стабилност во регионот и никогаш повеќе нема да биде ставена под прашалник, ниту изолирана од светот.

Пред три години, од како што рече заробена држава, сега со решени горливи проблеми, доаѓа време на ред, правда и дисциплина и ги повика сите засегнати да придонесат за градење систем за правда.

– Кој не сака да го почитува законот, ќе се соочи со законот, рече премиерот.

Од Куманово испрати порака до граѓаните и институциите дека во пресрет на неизвесната есен, борбата со пандемијата продолжува и ќе се вжештува.

– Ова е нашата битка денес. Имаме невидлив непријател со кој очекувам да се избориме заедно, институциите и граѓаните, повика премиерот.

Тој се осврна и на антикризните мерки, со кои се обезбедува егзистенција за најранливите, со кои, додаде, се зачувуваат работни места и се посветува внимание на погодените сектори.

Земјата е на добар пат рече премиерот, и треба да се продолжи. Ги повика граѓаните да бидат коректив на властса, со издржани аргументи да ги кажат своите потреби. Освен со пандемијата, додаде се води битка и со феноменот на лажни вести кои рече се убиствени исто како вирусот и ја повика опозицијата да ги напушти партиските интереси и да покаже државничко однесување.

– Македонската државност е изнедрена од борбата за правда и еднаквост. На еднакви граѓани, кои заедно се посилни и можат да ги совладаат сите предизвици. Денес, кога имаме признаена држава со сите нишани, ни се отвора неповторлива можност самоуверено заедно да зачекориме по европскиот пат. Ве уверувам, тоа е шанса која нема да ја пропуштиме, рече прерстедаетот на Владата.

На денешната свеченост се обрати и кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, кој им одаде почит на револуционерите и борците од НОБ и антифашистичката борба, на оние кои ги поставија темелите на македонската држава и народ.

– Во тој период се поставени црвени линии за постоење на македонска држава, народ, јазик кои важеле тогаш, а важат и сега. Нивниот континуитет на национална борба се темелите на Илинден, АСНОМ, и референдумот од 91-та кога Македонија стана независна држава и се оствари вековниот сон на македонскиот народ, рече Димитриевски.

На Спомен – Костурницата во Куманово, свечено, согласно протоколите беше одбележан државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание. Цвеќе положија бројни делегации меѓу нив и владината предводена од премиерот Заев, министрите министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, за транспорт и врски Благој Бочварски и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, собраниска делегација, претставници од Здружението на борците,  од АРМ, од дипломатскиот кор, локалната власт.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.