ММС

Осум деца во изолација, пет вработени во кумановската градинка позитивни на коронавирус

Осум деца од јаслите во кумановската градинка „Ангел Шајче“ се ставени во изолација, откако негувателка е позитивна на коронавирусот.

Но, позитивни се и уште четири други вработени во градинката, информираше денеска директорката на установата Марина Алексовска, која истакна дека сите деца ставени во изолација се чувствуваат добро и немаат симптоми.

Прв кој добил позитивни резултати на тестирање бил ложачот на котларата во објектот „Развигорче“, кој од 30ти семптмври не доаѓа на работа.

– Тој како котлар, нема некои контакти со децата. Веднаш по него и нашиот домаќин од објектот „Развигорче“ каде што е кујната, не се чувствувал добро и тој останал дома и добивме информација во петокот на 2ри октомври дека е позитивен на Ковид и веднаш согласно алгоритамот и протоколите ги извеситвме министерството, локалната самоуправа, а првично Центарот за јавно здравје со кои што се консултиравме и одлучија кујната да биде затворена во овој објект, додека преостанатата кујна ќе готви за сите преостанати деца во другите објекти, изјави Алексовска.

Во понеделник на работа не дошла негувателка во јаслената група, која веќе во вторник добила позитивен резултат на тестот и со одлука на Центарот за јавно здравје е целосно затворен, а со тоа осум деца ставени во изолација.

– Доставени се до Центарот за јавно здравје сите податоци за децата, сите телефони за контакт со родителите, досега еве една недела сите деца се добри, но таму останаа шест кошелки во изолација и денеска имаме информација дека уште една колешка од јасли, која што е во домашна изолација е позитивна, рече Алексовска.

Но, позитивна на вирусот е и сметководителката на градинката, со што во домашна изолација се и две нејзини колешки кои работеле во административната служба.

Според директорката Марина Алексовска, од 1.900 деца колку што претходно имало во сите објекти, сега само 314 деца доаѓаат на ниво на целата установа.

Никола Ивановски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.