ММС

Филмска училница – едукативен проект за средношколци

„Филмска училница” е нов проект на Кинотеката за креативна едукација од областа на филмот и аудиовизуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Проектот ќе почне на 10 октомври и ќе трае 10 недели.

Замислен е како интерактивна филмска училница, каде што средношколците ќе се запознаат со историјата на филмот, филмскиот јазик и аудиовузуелното изразување, а ќе имаат и можност за креирање авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.

За проектот „Филмска училница”, кој е финансиран од Министерство за култура, ќе бидат  ангажирани професори од високообразовни филмски школи и професионалци од различни филмски професии – филмолози, историчари на филм, сценаристи, режисери, кинематографери, монтажери, сниматели и дизајнери на звук, аниматори, костимографи, сценографи.

Кинотеката соопшти дека целта е учесниците да добијат основи на филмско познавање, да научат како да гледаат филм,  како да размислуваат за едно филмско дело и да стекнат примарни вештини за креирање филмски приказни како начин на изразување на својот поглед и став кон животот.

– Идејата е да се подигне свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националното аудиовизуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање нови аудиовизуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање лични аудиовизуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија, наведува Кинотеката.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.