ММС

Ако огледалото е несреќно, време е жената да почне да мисли на себе- Нутриционистката Клаудија Адеми со совет до сите жени

„Се зависи од нас. И здравјето. И убавината. Расположението. Среќата. И не е точно дека нашата лична среќа зависи од друг“, вели познатата нутриционистка Клаудија Адеми, која веќе осум години се грижи за здравјето на многу луѓе низ светот.  Според неа не се важни годините, туку како ти се грижиш за себе за да не ги чувствуваш. Преку нејзиниот личен пример таа објанува како човек треба да се храни, за да го одржи организмот во здрава состојба. Таа вели дека ова не се однесува само за жените, туку и за мажите. Сите подеднакво трба да се грижат за своето здравје и убавина.

Ајде да почнеме со жените. Дали после 40тата или 50тата жената треба да се чувствува стара?

-Мислам дека најпрво тоа зависи од карактерот и животот на жената.  Има жени кои имаат 30 а се чувствуваат како да имаат 80 години.  Мислам дека нема години за старост. Тоа јас што сум го доживела на моите 48 години е сосема нешто друго  отколку како се чувствувам.

Како се одржуваш да си го зачуваш изгледот и годините? На твоите 48 години изгледаш супер. На што жената треба да обрне најмногу внимание?

-Се во животот доаѓа преку нервирање и стрес.  Животот што го живее се гледа на лицето на секоја жена.  Мислам дека денес има доста луѓе кои без потреба си предизвикуваат стрес. Без потреба се нервираат, без потреба се караат со други луѓе.  А тоа значи  дека максимално треба да го избегнуваат тоа и највеќе да обрнат внимание на себе си.  Кога би се чувствувала поубаво и внатрешно и надворешно, помалку болести би имала. Не би била ниту дебела ниту анорексична.  Се почнува од тоа. Прво треба да се сакаш себе си. Па потоа  да ги сакаш другите. Ако ти лично не си задоволна и среќна со себе, како ќе влијаеш на тие околу тебе. Ке им вибрираш само негативна енергија.  Секако, не треба да ја превземаш негативната енергија и од другите. Ако се дружиш со негативни луѓе, тебе исто така ќе ти се случуваат негативни работи. А тогаш и побргу старееш. Се поаѓа од тука. Значи најпрво да мислиш за себе си за својата лична среќа. Да вежбаш, да се храниш здраво, да бидеш среќна. Ако ти не си среќна нема да можеш да дадеш среќа и на другите.

Што е најважно жената да биде среќна? Конкретно жените на балканот се посветуваат на деца, па кога ќе ги омажат или оженат продолжуваат да го живеат невниот живот. Па се посветуваат на мажот. Секогаш жената и нејзиното лично задоволство е на втор план.

-Јас живеам во Шпанија и ништо не е поразлично, кога станува збор за жената од Балкан.  И таму жената е главата на семејството. Столб. Не е мажот.  Мажот носи пари ги дава и жената, таа треба да ги распореди, се да плати што треба и плус да останат. Е ако не останат, тогаш пак таа го има проблемот. Така и со децата. Таа мисли дека го родила и мора да мисли цел живот за него, без оглед што детето си има друго семејство, си оформило свое семејство.

Дали секогаш би требала жената да биде понастрана?

-Дали ќе биде понастрана или во центарот на внимание тоа многу зависи и како таа ги воспитала и децата и мажот. Како таа се поставила.  Ако од почетокот ги научила дека за се е тука, тогаш тоа до смрт ке остане така. Нема да може толку лесно да се смени на 50 години. Тие го очекуваат тоа од неа.  А таа не очекува ништо ниту од децата ниту од мажот, туку си вика јас тоа морам да го правам.  Затоа е секогаш понастрана. Но, не треба така. Ако жената секогаш е среќна, има самодоверба, стокмена е како што треба, дотерана. Кога ќе биде своја се ќе биде поинаку. Ако го нема, тогаш  таа е тажна, разочарана и тоа семејството го забележува. Гледа дека мајката не е веќе тоа што била. Не е среќна, депресивна е. Е тогаш почнуваат проблемите.  Бидејки, знаеш како. Ако жената стане наутро насмеана, тогаш целото семејство се смее. Ако таа е намуртена, тогаш сите се. Секоја жена треба да седне да размисли да види што може да смени.

Колку е тоа лесно да се направи, сепак, години се во прашање, навики, кои тешко се менуваат?

-Таа треба да седне и да размисли. Да се праша: „Што сакам јас“? Зошто сум несреќна? Зошто не спијам убаво? Зошто сум дебела? Зошто ја носам оваа тежина?

Е кога сме кај килограмите, изгледаш совршено. Што треба да се направи? Обично жените се жалат дека готват за дома, па не можат да држат диета, да се одржуваат.

-Тоа е само неорганзација.  Жената мора да биде организирана и дисциплинирана.  Заради себе.  Таа треба да знае кога треба да појадува, кога да има ужина, да руча, да вечера. Тоа се може да се организира и покрај тоа што е задолжена да прави ручек за целото семејство.  Што треба да очекува од себе ако јаде во било кое време и било што. Ако не спортува, ако не пешачи. Ако не се одржува. Тоа јадење било што е многу страшно.  Вака треба да размилува. Прво, јас не сум ни било кој за да јадам било што.  На пример, ако јадам нешто треба да знам зошто го јадам и што тој ден мене ми е потребно да внесам.  Протеини, витамини, тоа се треба да се распореди во текот на денот за да внесе се што му е потребно на организмот.  За да не и падне енергијата, да не и паѓа крвната слика, да не и паѓа косата, да не ја боли глава, да не и падне шеќерот и ред други работи. Најстрашто е да се нема организација.  Најстрашно е да отидеш во маркет, да купиш една замрзната пица да ја бутнеш во рерна и готово. Никако. Храната е причина за многу болести. Тоа најмногу и недостасува на жената.

Кај тебе се јавуваат многу луѓе кои сакаат да го решат проблемот со дебелината. Што велат, зошто им се случило тоа?

-Жените велат дека по породување најмногу се здебелиле, други велат заради стрес, трети поради болести. Различни се причините.  Но, сите се на иста мисла, ги добиле килограмте пред 10 или 15 години и исто толку години се мачат да ги симнат. Се обидувале со разни диети и џабе.  Има еден куп диети, но кога ќе престанеш да ја држиш си ги вракаш килограмите и тоа дупло.  Манџи е убаво да се јадат, но кој денес прави манџи? Затоа и се јавуваат разно разни болести, што порано ги немало. Морам да признам дека лугето денес, не само жените туку и мажите се мрзливи.

Не секогаш се подготвени лугето да ги менуваат навиките, вклучувајки ги и диетите и начинот на исхрана. За тоа пред се треба и психичка подготовка, емотивна стабилност… Кога е најдобро време да се почне со диета или, пак, да се смени начинот на исхрана?

-Кога ќе се погледнеш во огледало и кога ќе видиш дека веќе не си среќен, зборувам и за мажи и за жени, тогаш е време да се сменат навиките и да се превземе нешто. Огледалото е најдобар показател какви сме и до кај сме. Тоа е алармот. Иако, сметам дека не треба да се чека алармот, за да дојде до некоја болест. Убаво рекле, подобро да спречиш отколку да лечиш. Иако, тука не зборуваме  само за возрасни луге. Сум имала случаи и деца од 10тина години кои ми се обратиле за помош и се многу дебели. Но, за тоа не се виновни децата, туку родителите.  Секогаш е време да се почне со промена, да се почне со работа на себе.  Тоа дека е потребна психолошка подготовка за да смениш начин на исхрана е само изговор.

Како реши да се занимаваш со нутриционизам?  Сега изгледаш прекрасно, но дали некогаш си имала проблем со килограмите?

-Не, јас никогаш не сум имала проблем со килограми. Но, имав проблеми со здравјето. Можеби затоа што како мала имав тумор. Јас се родив пред време со тумор на хранопроводот. Лекарите не знаеле што ми е.  Многу сум повраќала и мајка ми ме однела на лекар, кој и кажал дека тоа е нормално. Тогаш живеевме во Германија и матичниот лекар  не сакал да и даде упат за да ме однесе во болница. Но, бидејки мојот проблем продолжил, морала да се искара со лекарот за да и даде упат и да ме однесат во болница. Сум имала само еден месец. Направиле прегледи и виделе дека имам тумор на хранопроводник и веднаш ме оперирале, секако со потпис на родителите, бидејќи сум била премногу мала и постоело можност да не издржам. Но, по три ипол месеци поминати во болница, за среќа се било во ред. Поминав три и пол месеци на интнзивна нега и повеќе чекаа да умрам отколку да оздравам.  Од тогаш  мајка ми почнала со посебен начин на исхрана и со посебно внимание. До 13 години внимавав што јадам, како се однесувам, а на 16 кон тоа го надополнив и вежбањето.  Почнав да одам во теретана, а од 18  да се занимавам со нутриционизам.  Најпрво заради себе а потоа и да помагам на другите. Потоа се омажив во Шпанија, па се роди ќерка ми Зајра и на неа и посветив  неколку години. Во меѓувреме, додека го чував бебето, за тие четири години завршив мастери, се усовршував.

Со какви судбини си се сретнала?

-Се почна од Шпанија, па се прошири низ светот, во Америка, Канада, Австралија. Ми се јавуваат луѓе од цел свет, на кои им треба помош. Јас не продавам суплименти, туку се се сведува на здрава исхрана.  А сум се сретнала со многу луге со различни проблеми и болести, од полесни, до потешки случаи.  Алергии, дијабетис, холестерол, висок притисок, анорексија, дебелина, канцер, секој со различен проблем.

Како тебе ти почнува денот?

-Овес со црвено овошје, со циторн, да има задолжително витамин Ц, па киви, бадеми, ореви, сите јаткасти плодови. За ужина или овошје или јогирт. Ручекот е протеин со витамини, риба, други морски плодови, салата, разни зеленчуци. После ручек повторно има ужина, како желатин, урми, банана, се зависи од личноста. За вечера секогаш е храна што не е тешка за желудникот. Разни комбинации се прават се во зависност од организмот и проблемите. Во моето мени се јаде на секои три часа. Како бебе.  Се што е бело не е добро да се јаде, како шекер, брашно.. Тоа се убијци на организмот. Знаеш како, луѓето не внимаваат и кога ќе им се случи сите се прашуваат: „Зошто баш јас“.  Многу е важно да се каже дека отрганизмот претрпува пубертет и климакс. Тука се фаќаат многу болести, кога настапува промена на организмот. Треба човек да внимава, да се сака, за да дочека пензија, да не се уништува пред време. Никогаш не е доцна за нов почеток.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.