ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/2/18 7:38 AM

Протест за декриминализација и легализација на канабисот

Во 10 часот пред Основен Суд Скопје 1 членовите и приврзаниците на здружението Зелена алтернатива ќе протестираат против бесмисленоста на законот кој ги третира пациентите како криминалци, со барање за овозможување на достоинствен живот и лекување во слобода и без страв и реперкусии. Истовремено ќе се протестира и за слобода за Филип Достовски основачот на движењето Зелена Алтернатива и најголемиот едукатор во регионов за лекувањето со масло од канабис.

Вчерашните информации дека Достовски бил приведен во акцијата на МВР по скопските кафулиња е неточна. Денешниот протест е поврзан со еден поранешен негов случај, но и со барањето за декриминализација на употребата на канабисот.

„Зелена Алтернатива е со став дека нема ниту подобар ниту посoодветен момент да се застане пред институциите и да се побара декриминализација и легализација на растението за кое науката вели дека може само да помогне, но никако да наштети. Канабисот е лековито растение, кое на илјадници граѓани во Македонија им го продолжува животот, но и на стотици им го загрозува поради строгите и неоправдани законски регулативи. Законот не прави дистинкција помеѓу дилер и пациент, законот вели дека секој граѓанин во РМ кој избрал да се лечи со канабис е криминалец и е во опасност да биде кривично гонет. Нема никаква логика, ниту пак оправдување да се суди некој кој одбрал да се лечи со канабис, свесно кршејќи го законот, за сметка на својот живот. Нема логика да се полнат затворите со пациенти, кои немаат право на избор и немаат легален пристап до својот лек“, се вели во повикот на Фејсбук.

Денеска е и судењето на Достовски, основач и претседател на здружението Зелена Алтернатива, кое повеќе од четири години активно учествува во ширењето на знаењето и подигањето на свеста за придобивките од користењето на канабисот како храна и лек, преку организирање советувања, семинари, дебати и јавни настани во Македонија. Зелена Алтернатива е со став дека нема никаква етичка логика да се осудува човек заради кој толку животи се спасени. „Филип не е дилер, Филип несебично се бори сите ние да се лекуваме поуспешно, Филип е едукатор заради кој сите научивме како да си го сочуваме здравјето, а неброени се случаите каде токму Филип бил разликата меѓу живот и смрт.

На 2-ри јули нема да дадеме поддршка само на Филип, туку напротив, ќе дадеме поддршка на сите оние пациенти што се лекуваат со помош на канабис и ќе побараме од институциите неопходни измени на законските регулативи и слободен пристап до канабисот, затоа што основно човеково право е правото на живот и правото на избор“, се вели во повикот на Зелена Алтернатива.

Превземено од: МКД


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1