ММС

Tи си Ромка не те бива – Младата Сибел Бајрам ги надмина предрасудите, подготвува и магистратура

Нема веќе ти си Ромка, не те бива. Сега е време на образование, борба за своите права и за напредок во животот. На сите, особено на девјчињата Ромки, кои од многу причини не можеле да се образуваат и покрај големата желба.  Сите не ја имаат можноста во животот се да им се  даде на тацна. Оттаму и многу од младите се потпираат на себе и своите желби и амбиции за успех. Еден од тие примери дека се што се сака не е тешко да се направи, пример на млада амбициозна девојка е Сибел Бајрам, која за да се образува, за да оди само напред, кон светла иднина, поради предрасуди  морала да го смени и средното училиште.

-Јас живеам во Центар и тука се наоѓаше училиштето во кое бев  единствена Ромка и имав проблем со наставниците. Да, со наставниците, не со учениците. Никогаш не ми рекле директно- „ти си Ромка, ти не може“, туку кога сум сакала да одговарам за да си ги поправам оценките ми велеа- не сега друг пат. И така си поминуваа деновите, не сакаа да ме испрашуваат.  Или место заслужена петка ми даваа помали оценки. А знаев и тоа не помалку од другите деца. Постојано забележував како ме гледаат поинаку. Се чувствував како да сум непоканет гостин во училиштето. Моите имаат завршено средно образование, тетка ми е дури и магистер. А јас сум многу трудољубива и не сакав поради тоа да имам застој и да сум зад другите. Со моите разговаравме отворено, и одлучивме  да се испишам од таму и да се запишам во друго средно училиште. Токму тоа ми беше пресврт во животот и многу сум среќна, вели Сибел.

Ваквите ситуации неа ја направиле поцврста, порешителна и поборбена. Нејзината амбиција и желба за образование ја однеле многу напред, не само во средно, туку се запишала на Филилошкиот факултет, на отсекот за превод и толкување- англиски и француски јазик и еве сега го подготвува магистерскиот труд, ја пишува тезата „Разлики од задоволството од работа кај Ромите вработени во јавниот и невладин сектор“.

-Да бидам искрена во секојдневниот живот не сум имала проблем, бидејќи не сум оставала простор.  И така и треба. Да се бориш. А  секоја млада девојка ако одлучи да се бори и се менува духот, не само како девојка, туку и како Ромка. Сега имам 25 години и подредени ми се работите како треба и приватно и професионално. Не би сакала многу да зборувам како тоа изгледа во приватниот живот. Моето момче е Ром, но не го избирав по националност, заради тоа што теба да сме исти, и дека мора да имам дечко Ром, од моја етничка припадност. Не од страв, туку тоа што го барам од момчето го најдов  во ова што го имам сега. Така се погоди. Тоа е Мухамед Ајваз и тој е на магистерски студии и е навистина амбициозен и поборник за човекови права, вели Сибел.

 

Таа работи во ООУ „26 Јули“- Шуто Оризари, како наставник по англиски јазик а исто така е и претседател на Здружението за жени  Ромки, кое се вика „Лачо Диве“ што во превод значи „Убав ден“.  Од нејзиното досегашно искуство забележала, што и е многу драго, дека  веќе времињата се менуваат и дека состојбата сега ни одалеку не е иста како порано.

-Јас многупати досега сум кажала дека во послендите 10 години со зголемување на странските стипендии имаме можност за запишување високообразовните институции. Секоја година бројот на Роми студенти е зголемен, околу 30 до 40 дипломираат на ниво на цела држава.  Интересен факт е и што образованието за  девојките и жените Ромки  не е веќе табу во нивните семејства. Напротив поголем дел од семејствата, и покрај тоа што се патријархално воспитани, не прават проблем, односно се сложуваат да се образуваат и женските деца, не само машките, за да после во животот си бидат независни, да придонесат дома исто како и нивниот сопруг. И тоа е многу убаво. Личен пример за ова се и моите родители, кои не гледале  да вложуваат во материјалното, односно да прават куќи, туку вложиле во мене и сестра ми, за образование, за разни обуки, курсеви, па еве сега и за мојата магистратура. Не гледале на тоа- ајде девојчиња се, па не им треба школо, само средно нека завршат, бидејки е задолжително, вели Сибел и додава:

-Со невладината организација делуваме  во Топаана и има девојчиња Ромки кои сакаат да учат а немаат можност,но не поради тоа што не им дозволуваат од дома,  туку поради тоа што се од социјално загрзени семејства. Доаѓаат им помагаме, ги насочуваме…  Значи веќе кој сака да учи и да вложува во себе, јас навистина верувам дека тоа во денешно време е возможно иако некоја/а не е од финансиски моќно семејство. Постојат програми, стипендии кои можат да ппомогнат во тој дел. Затоа и моја порака е дека треба да се бориме за она што го сакаме во животот, ако тоа силно го сакаме. Не треба да подлегнеме под притисоци и дискриминација. Секогаш со гордо крената глава да се избориме за тоа, вели таа.

Фото: UNFPA


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.