ММС

Од 177 до 1156 денари, плаќале институциите за скафандери на итните тендери

Вкупно  6,7 милиони евра чинат договорите  за итни јавни набавки на државните институциите за заштита од коронавирусот склучени во првите шест месеци од кризата. За 68 отсто од склучените договори институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето. Дури една третина тендерите ги распишало Министерството за внатрешни работи.

Ова го констатира  Центарот за граѓански комуникации во сумарниот извештај од мониторингот на јавните набавки поврзани со ковид-19 во првите шест месеци од кризата.

Според наодите на Центарот, 97  државни институции имале итни јавни набавки при што потпишале  447 договори кои тежеле 6,7 милиони евра..

Дури 2,2 милиони евра чинеле 13 јавни набавки на Министерство за внатрешни работи кое е на врвот по износот на склучените договори.

Договори за набавки со државните институции потпишале 186  компании, но 43 отсто од вредноста на сите тендери добиле пет фирми.

„Гифти текс“ за два договора добила 1,1 милион евра, додека „Алкалоид“ за 18 договори добила 299.862 евра.

 

Истражувањето покажало дека дел од договорите не содржат прецизен опис на производите што се набавуваат, што остава простор за злоупотреби при реализација на договорите.

  • Големи разлики во цените од институција до институција има кај сите производи што се набавуваа во кризата: маски, ракавици и скафандери.
  • Кај маските, освен големите разлики во цените во зависност од видот на маската, големи разлики има и кај цените на маските од ист вид. Институциите купувале 16 различни видови маски. Најскапо платена е маска од видот „FFP2“ –  448 денари по парче, а најголеми разлики во цените за еден ист вид маски имало кај „респираторните маски N95“, коишто се движат од 66 до 313 денари за маска.
  • Кај „заштитните скафандери за еднократна употреба“, цените се движат од 177 денари до 1.156 денари по скафандер. Инаку, низ набавките, забележани се седум различни описи на набавените скафандери, од коишто најскапиот е по цена од 1.788 денари – опишан како медицински заштитен скафандер.
  • И кај ракавиците има пет различни видови, чии цени се движат од 1,8 денари до 9,32 денари за една ракавица.
  • За разлика од почетокот на кризата, кога речиси половина од набавките беа само со еден понудувач, по постојаните апели и укажувања институциите почнаа да вклучуваат повеќе понудувачи во преговорите.
  • Исто така, институциите ги применуваа и препораките за навремено објавување на склучените договори и за разлика од почетните 19 %, до крајот дури 75 % од договорите беа објавени навремено. Сепак, останатите 25 % од договорите се објавени по законскиот рок од 10 дена по склучувањето на договорот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.

Клучни зборови: вести, итни, јавни, македонија, набавки