ММС

Чекав 17 години да и’ ги видам очињата, а сега се борам да и’ ги спасам-Малата Јелена треба да се оперира за да и’ се подобри видот

Деведесет и две илјади денари. Толку изнесува сумата што е потребна за кафеавите очиња на десетгодишната, Јелена Добровиќ да можат подобро да го видат светот.  Ова девојче од Ресен има речиси стопроцентен страбизам на едното око, а решението лежи во една од приватните болници во земјава. Родителите на Јелена, кои се обидувале да ја добијат цели седумнаесет години, не се во можност да платат за оваа операција.

„Јелена ја родив кога имав 37 години, после 17 години брак. Проблемот со окото кај неа го забележав кога таа беше седум месеци, но ми рекоа да ја однесам повторно кога ќе биде на двегодишна возраст. Бевме на лекар во Битола, па потоа на приватно во Охрид и немаше подобрување. Стасавме до 73 степени страбизам. Прашувавме за операција и во Црна Гора бидејќи сопругот ми е Црногорец, но не можевме да си дозволиме. Сега операцијата може да се направи и овде, но нема како да платиме. И двајцата земаме минимална плата“, вели за Македонски медиа сервис мајката на Јелена, Лидија Добровиќ.

 

Бројот со кој може да се донираат по сто денари го обезбедиле пријателките на Лидија, кои заедно се борат против ракот. Токму ракот го натерал ова семејство да помине низ многу искушенија. Кога и двајцата родители ја надминале болеста и треба да се радуваат на своето чедо, судбината повотрно е немилосрдна со нив.

„Пред три години сум оперирана од карцином на дојка. Мојот сопруг исто така е опериран од карцином. Моите пријателки, кои се борат со истата болест се понудија да ми помогнат и благодарение на нив се отвори бројчето за донации. Многу сум им благодарна, бидејќи ние дома ги немаме потребните финансии“, ни раскажа Лидија, која и ни дозволи да ги објавиме фотографиите од малата Јелена.

Таа вели дека страбизмот на Јелена не и’ пречи во учењето, бидејќи е навикната.  Понекогаш, додава таа, врсниците ја прашуват зошто носи очила со диоптер, но таа не обрнува многу внимание, само им кажува дека едното око и’ е криво.

Лекарите од приватната болница во Скопје каде девојчето може да биде оперирано, ги информирале родителите дека дури и да се реализира операцијата, можно е да треба да се оперира и по втор пат. Засега ним им е важно да се собере потребната сума од 92 000 денари и затоа тие со своите соборци, упатуваат апел за помош до сите граѓани со хумано срце.

Апелот за помош на нејзината ќерка се шири од вчеравечер на социјалните мрежи, а веќе е обезбеден и број за донации – 143434 .

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.