ММС

Објавено на: 09/28/20 10:37 AM

Турција извезе автобуси и минибуси во вредност од речиси милијарда долари

Турција од јануари до август годинава оствари извоз на автобуси, минибуси и мидибуси во вредност од 916,5 милиони долари во 87 земји во светот, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Поголемиот дел од продажбата е реализирана во земјите на Европската Унија – Франција (154,8 милиони долари), Германија (147,1 милион долари) и Италија (89,6 милиони долари), покажуваат податоците на Здружението на извозници од автоиндустријата „Улудаг“.

Извозот во Мароко, земја која беше четврта на листата, се зголеми за 27,79 отсто во споредба со истиот период минатата година, достигнувајќи 35,6 милиони долари.

Продажбата во Чешка изнесува 26,5 милиони долари, што претставува раст од 112 отсто во осуммесечниот период, додека извозот во Русија порасна за 376,11 отсто, достигнувајќи 23,3 милиони долари.

Извозот во Мексико, пазар кој е во развој, се зголеми за 244,32 отсто и достигна 15,2 милиони долари, за разлика од периодот јануари – август минатата година кога беше реализиран извоз од 4,4 милиони долари.

Според Канцеларијата за инвестиции на турското Претседателство, Турција е на петтото место на европската листа на производство на возила, а вкупниот обем на инвестиции на глобалните брендови во автоиндустријата во земјата од 2000 година достигна 15 милијарди долари.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1