ММС

Филхармонија: Да сакавме да сокриеме нешто, песната „1762 лето“ немаше да биде изведена

Сите композиции изведени на свечениот концерт на Филхармонија по повод 1000-годишнината на Бигорскиот Манастир имаа скратено времетраење. Целта беше да се испочитуваат  протоколите за организирање на настанот и истиот да не трае предолго. Ова вечерва го соопштија од Македонска филхармонија, по реакцијата за тоа дека „исчезнале“ сите строфи од песната „1762 лето“ од Григор Прличев во кои се споменуваат Грција и Грците.

Конкретно за единствената вокална интерпретација на концертот на песната „1762 лето”, чија изведба некој ја смета за спорна, познавачите знаат дека има дури 18 строфи, а очигледно беше дека се одбрани стихови кои ќе сведочат за трагичното укинување на Охридската Архиепископија, за да го поткрепат делот од сценариото во кој се говори за најтешкиот период на Црквата. Кој има желба, нека погледне снимка од концертот и сѐ ќе му стане многу појасно. Згора на тоа, досега имало повеќе изведби на оваа песна со истиот избор на строфи, вклучително и во храмот „Света Софија” во Охрид пред две години – се појаснува во соопштението кое вечерва од Филхармонија го лиферуваа до медиумите. Оттаму сметаат дека некој злонамерно бара темна дамка онаму каде што ја нема.

Да сакаа Филхармонија и Бигорски да сoкријат нешто, не мораше воопшто да ја изведуваат оваа песна – додаваат од оваа културна институција.

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.