ММС

Чобани градоначалници се палат на мрежести хулахопки – Мики Јовановски Џафер разочаран од односот кон уметниците

Мики Јовановски Џафер и песната „Сонце за три света“ одат рака под рака уште од  1993 година.  Цели 27 години  задоволство е да се слуша песнава со прекрасниот вокал на ова „момче“, кое секогаш ја исполнува со ист жар. А како поинаку се пеат вакви песништа, кои остануваат за навек. Џафер, по правилата на нештата,  треба да е навлезен веќе во т.н. мирни води, но благодарејки на неговиот темперамент не е така.  За mms.mk вели се уште снима, вежба, се одржува, има цврсти мускули, ужива во секој ден и во дружба со внучето, па затоа нема време да мисли на некакви си правила и за тоа кој како во која доба од животот треба да се однесува. За годините не сака да зборува, иако оваа му е јубилејна, бидејќи се занимава со многу поубави нешта, со читање книги,  слушање и создавање музика, со фитнес…

Ке се повтори ли вакво песниште?

-Има, има и други убави песни.  Ама  „Сонце за три света“ е песна за 100 години.  Често слушам- дај уште една ваква песна. Епа дај ама… Ристо Самарџиев ги правеше деталите околу текстот а јас и Винко Мишковски ги склопивме. Првенствено е тоа тешкото, да ти дојде таа етида од мелодија, оваа песна е етида, вежба за клавир. И одеднаш на Винко во сон му дошло и ми рече дека мене ме замислил како ја пеам.  Кога тоа ми го кажа јас се завземав за песната. Нормално е кога тоа ќе ти го кажат со чест, дека ти тоа треба да го направиш. Направивме се, но најголемата работа ја направи Тоше Поп Симонов, кој ги селектираше тие оркестарски и студиски работи. Тоа е копање многу. Јас и Винко претходно работевме три дена и три ноќи. Не заборавија сите. Се потемневме од работа. Третото утро бевме помодрени. Сопругите не бараа, не можеа да не најдат.  Мислеа дека швалерисуваме, а ние закопани во студио. Потоа Тоше ја направи таа волшебната, божествена работа, да звучи песната како што треба. Не е се туку така направено. Мора да не јадеш, да не пиеш, да се жртвуваш за да биде добро. Кога дојдов дома демото го пуштив на десетина пријателки на жена ми и кога ја слушнаа половина од нив беа расплакани. А уште не беше направена. Песна се чувствуваше уште на почетокот.  Јас и Винко бевме родители на песната, па потоа Ристо Самарџиев, па Тоше Поп Симонов и на крајот Љупчо Мирковски, кој ги испеа сите женски вокали. Ама тогаш имаше третинка од ова тело што го има сега. Јас кога ја испеав песната во студио тие занемеа. Само Тоше се смееше и рече: „Тоа е тоа“. Ми велеа:„Што направи бе човек“. А јас веќе размислував за тоа како да го продадам моето „југо“ и да си купам нова кола, бидејки знаев дека веќе е готова песната и нема за што да се грижиме.  А знаеш како ја снимив? Како на настап, одеднаш од почеток до крај.Перформанс.

Затоа и се вика песниште, кое денес ретко може да се направи..

-Е да. Греота се нашиве пејачи и музичари во Македонија. Толку дале од својата младост, од својот живот, од своето здравје. Многу прекрасни музичари се веќе и починати. Сите мислат дека песните туку така паѓаат од небо. Оваа македонска музика е направена од луѓе кои комплетно се дале во тоа. Да помисли малку оваа држава, па еднаш да рече-стоп. Ќе правиме механизми, ќе превземеме мерки за да ги заштитиме овие луѓе. И овие што сега почнуваат и сите заедно да ги заштитат. И тоа со амандамни и одредби во парламентот од овие турбо кои земаат безобразно многу пари. Им ги земаат бувално од устите на нашите музичари, на уметниците. А ние свириме од срце и од душа.

Како да ги заштитат кога досега никој не сакал да го направи тоа.

-Ќе си донесат мерки и уште на граница нема да ги пуштат, се додека тој градоначалник не го покаже документот со кој уште 100 проценти од тие пари ќе плати за македонски музичар.  Па ние сме самостојна и суверена држава и мора да бидеме заштитени, како јазикот така и културата. А знаеш зошто не се случило тоа до сега? Тие сите знаат, но не го чувствуваат проблемот, како што го чувствуваат уметниците. Им е гајле на градоначалниците, не се удира по нивен џеб.  Музичарите се многу мили луге и оваа Македонија постои само затоа што има многу мили луге.

Како човек со багаж зад себе, кој многу добро ја разбира состојбата, што би им препорачал на младите. Со оглед на состојбата значи ли да не почнуваат да се занимаваат со музика и покрај големата љубов, бидејки од неа не се живее?

-На сите би им препорачал да се соберат и да речат- стоп! Ова да го направат без пардон.  Независно кој е на власт, која колаиција или опозиција. Нека милат малку за кутурата, бидејки од тука тргнува се.

Имаше еден обид кога дел од македонските автори ги забранија своите песни, па тоа им беше добредојде уште повеќе за гостувања од соседството, како и за пуштање странска музика по медиумите.

-Кога ќе донесат мерки како било која друга нормална држава за да се заштити домашната кутура и уметност. Велика Британија е империја па се штити, не може да се влезе таму.  Кралицата го направи тоа. Им даде неповратни сретства на агенции и менаџерски тимови уште во 60тите години. И тргна целата работа. Затоа што експертите по економија и кажаа дека уметноста ќе го штити симболот на кралицата и на британско царство. И така е до денес. Проценти од „Битлси“, Том Џонс и кој уште не оди кај кралицата. И не само од музиката и од спортот, од филмската индистрија, од театарот.

Ама ние сме далеку од Британија..

– Не, доволно е само да се сака да се види проблемот а многу малку треба за да го направиме тоа.  Само треба да се собереме и да кажеме стоп, се додека не се донесат одредби. И ќе ги стопираме сите овие кои вулгарно им ги земаат парите и лебот на оние македонските музичари, кои вредат, кои прават музика. Тогаш конечно ќе се сопрат оние во мрежести хулахопки, кон кои градоначалниците имаат задни намери, па со парите на народот ја гајат надежта дека таа и таа ќе дојде, па ќе му се приближи и многу убаво ќе си помине. Така парите лесно ќе ги потроши. Ама вака ако му репнеш закон не ќе може тоа да го прави. Како е можно некои си селски  типови, чобански типови на градоначалници да одлучуваат. Да, тоа го прават токму тие. Зошто? Затоа што нив всушност секогаш власта ги штити. Кога ке го прашаш министерот за култура знаеш што вели- па не знам јас тоа. Абе како не знаеш! Ама тие се иста банда. Парите ги вртат.  Да, сериозен сум кога велам дека се „чобани“, бидејки да се клутурни нема тоа да го прават.  Ќе лупне 50, 60 или 80 илјади евра со надеж и желба дека убаво ќе си помине. Каде бе со тие цифри. Па цела македонска естрада да ја собереш не зема толку. Извини, а кои се тие женски бе? Па знае ли тој чобан градоначалник овде во Македонија какви згодни жени има? Навистина доста е. Ама знаеш како е, селските фраери, вадат туѓи пари . Па нека вадат ама од нивен џеб не од наши пари, од народните пари. Па потоа патиштата се цели дупки, не можат да ги направат. Епа парите заминале по мрежести хулахопки.

Да се вратиме на твојата музика, на твоите песни.. Снимаш?

-Постојано снимам песни, имам нов материјал и подготвувам албум со Дуле од „Патика“. Кога ќе го завршиме ќе го промовираме..

Важиш за најзгодниот дедо, како се чувствуваш во улогата на дедо?

-Внук ми е македонски швабо. Нема уште две години и зборува и македонски и германски јазик.  Знаеш како ми вика: „Ајде деде одиме шпацирен“. Хахахах… Русокос како мене. Знаеш како се вика? Феликс Михаил Краус..

Вистина ли е дека внуци се сакаат повеќе од деца?

-Да, баш така. А знаеш зошто? Затоа што децата ти се должност, а внучето е уживанција. Ние сега дедовците сме како во младоста. Исто како кога ќе фатиш згодна женска па се фалиш. Е јас сега се фалам со внук. Постојано го покажувам на телефон. Искрено едвај чекав да станам дедо. Мислев дека ќе ми помине редот. Еве сега и втората ќеркичка се регистрираше, па да помине пандемијата, идната година ќе прават свадба. Нека сме живи и здрави. Фини ми се и зетовците.

Жените ќе ми се налутат ако не прашам како се одржуваш и како успеваш на толку и толку години да изгледаш младолико?

– Генетика да, но не е доволно тоа. Јас вежбам секој ден.  Јас цел живот вежбам. Од 15 до 20 години вежбав гимнастка. Потоа се занимавав и со други спортови, со баксет па имав неколку повреди на колено. Но, важно е ако перманентно тоа го правиш. Сега вежбам фитнес.

Значи не ја чувствуваш промената навремето, не те болат коски?

-Ако не вежбам да. Луѓето на мои години, календарски сметано, мислам дека  се многу паднати. Но, сум видел и луѓе над 90 години кои поубаво изгледаат од мене. Поразвиени се и посвежо изгледаат. Се е тоа до самиот човек. Мора да се одржуваш, како музикава.

За да не падне телото мора да вежбаш а за да не ти падне духот што правиш?

-Читам. Мораш да читаш. Јас гледам и авантуристички филмови, но и многу читам книги. Меѓу другите ќе ја споменам „Моќта на говорот“. Воодушевен сум. Таа се чита меѓу редови. Затоа би им препорачал на сите да читаат книги. И да слушаат музика. Ама не само да слушаат за задоволство, туку да научат да ја прочитаат песната, да ја анализираат. Да читаат во музиката… И технички и емотивно…

Весна Миленковска

Фото: Кире Андонов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.