ММС

За секого има место под ова сонце- Со Жане од „Интервали“ за музиката и животот

„Ех, да сакаш“, „Плачела“, „Ноќта е сворена за грев“, „Те молам немој“, „Дана“, „Ана“ … се само дел од познатите хитови на групата „Интервали“.  Затоа и велат: „Ако сакаш убава македонска, квалитетна музика испеана од вокалот на Жане, тогаш оди на настап на овој бенд“.  И иако низ годините се има впечаток дека не се толку активни, сепак, Жане за ммс.мк го вели токму спротивното.

-Не има, не дека не нема. Минатата година настапувавме на Интерфест, кој не беше покриен медиумски, немаше публика. Но, над 30 години не има, тука сме. Постојано настапуваме по локали кои преферираат жива музика. Во нашата кариера од над 30 години не сме останале еден викенд слободни.

Но, се чини дека ја нема таа амбициозност која ја имавте на почетокот?

-Ние секоја година вадиме по една песна. Единствено се мислиме на кој фестивал да настапиме. Но, кога ќе размислиме,  фестивалите го изгубија тој смисол од кога ние настапувавме. Затоа си правиме промоција на песната на живи свирки и на локални медиуми. МТВ ни беше матична, но таму не сме биле одамна. За албуми сега малку е потешко. Сега е некој нов тренд, ќе направиш песна, па ќе ја промовираш. Па една по една, ќе собереш 7-8 ќе ги ставиш на цеде, па потоа го издаваш. А за да направиш цел албум, со ситуацијава таква каква што е проблем се и финансиите. Ние настапуваме, не можам да се пожалам. Не знам, можеби ќе дојде некое поново време, па ќе биде се во ред. Па ќе има и нови албум и се.  Да, ние оставивме печат во македонската музика, и она на што мислиш е што не нема на фестивали. Зошто? Па на фестивалите  се случува повеќе од половина вечер да настапуваат дебитанти. Едноставно не се наоѓавме веќе тука.  Не можеш да се натпреваруваш со дете кое тукушто почнало да пее. Од тие причини се повлековме. Инаку активни сме на настапи а на фестивал баш и нема потреба. Размислуваме и за концерт, но нема се уште датум. Ќе се случи.

Зошто фестивалите го изгубија сјајот?

-Не знам. Дојдоа многу лоши времиња.  Деца на богати родители сакаат да пеат, родителите сакаат да им ги исполнат желбите и да докажат дека со купена песна и со наснимени други вокали, не со сопствен викал, може да станат ѕвезди преку ноќ. Меѓутоа  во музиката има закон- ако те бива, те бива, ако не те бива, не те бива. Ако си ок остануваш во приказната. А се знае кои останале. Тие што вредат. Сите што поминале низ фестивалите се инстант. Денес го има утре го нема. Вештачкото, надуеното трае неколку месеци. И толку. Најдобар репер е публиката која те следи, те почитува. Таа кажува кој колку вреди. Знае многу добро да го оцени квалитетот.

Колку сте разочарани од состојбата на сцената?

-Не сме разочарани. Ние сме оркестар кој пред се свири македонска забавна музика, широк репертоар од странска музика и не гледам во што друго би се определиле. Тоа е наш стил и верувам дека така и ќе остане.  Иако имаме зад нас богата кариера се уште лугето не прифаќаат и многу сум им благодарна. Многу ретко свириме народно, освен етно. Од соседите не, и не се ниту трудам да ги научам. Затоа и на настапи веќе не го ни бараат тоа од нас.  И не научија така. Пеам грчко, италијанско, шпанско. Во казино свиревме 15 години, но со ситуацијата таму е направена рестрикција.  Затоа и се повлековме и веќе не се пронаоѓаме таму. Нема веќе гости и не можеш да ја силуваш музиката.  Таму бевме многу прилагодени на состојбата, па свиревме повеќе грчка музика. Па поради тоа можеш да замислиш каков грчки репертоар имаме. Имавме и покани за настап во Грција, но не се осмеливме. Се додека немаш здрав менаџер кој ќе ја заврши работата ризично е во туѓа земја. Не може се да се сведе на еден пријател кој ќе те однесе таму да настапиш, сепак, треба да си има некој протокол.

Зошто, па доаѓаат грчки музичари кај нас, особено диџеи?

-Да доѓаат, кај нас се што е од надвор е се попопуларно. Ние едноставно не научивме да си се цениме самите себе си. Јас сепак, и благодарам на публиката која не следи и што секогаш кога ќе отидеме на настап, без разлика каде, велат- вечерва се е полно. Значи имаме печат  во македонската музика и многу ми е драго што е така. Уште во старт ме исполнува. А потоа може да се замисли во што се развива, што се случува во текот на нокта додека настапуваме. Се даваме 200 проценти. Сум имала неколку прилики да слушнам од луѓе дека биле на некој таков концерт, па ке дојдат кај нас и ќе речат- бевме, но не е тоа тоа и еве не пак тука.

Како ја живеете пандемијата?

-Пандемијата добро си ја одседевме дома. Сега летово пркна малку работава. Задоволни сме за разлика од некои кои немаа никаков настап. Сепак, добро е. Не се нервирам што доаѓаат пејачи од надвор. Нека. За секого под ова сонце има место. Јас и Мирче си го живееме и приватниот и професионалниот живот мирно и тоа е тоа. Љубовта и музиката се најважни. А седењето дома поради пандемијата не ми беше чудно. Со мојот сопруг не  знаевме да кажеме стоп. Да си речеме- еве овој викенд ќе направиме стоп. Имавме понуди за настап секој викенд. Па пандемијата ни дојде така добро да се одмориме, да ги наполниме батериите. Имам убав двор па си садев цвекиња, си го средував. Дворот ни е мини парк, се посветив нему. Така си го пополнував денот…

Весна Миленковска

Фото: Кире Андонов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.