ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/29/18 5:20 PM

Референдумот најверојатно ќе биде во септември – најави Заев во интервју за МТВ

Граѓаните на референдум за договорот со Грција најверојатно ќе гласаат во септември. Најавата стигна од Брисел, од каде во интервју за македонската телевизија премиерот, Зоран Заев истакнува дека очекува да се постигне консензус во државата.

Одговарајќи на новинарско прашање што доколку не успее референдумот, Заев посочува дека не размислува за тоа зашто опцијата А е влез во ЕУ и Нато:

„Мали се шансите референдумот да биде на почетокот на октомври. Сакаме  октомври, ноември и декември да бидат за постапката и процедурата во Парламентот, за промените во Уставот коишто треба да се случат. Овие денови веројатно до крајот на Самитот, во Македонија паралелно ќе се дискутира формулацијата на прашањето, карактерот на самото прашање, ќе се дискутира процесот и датумите кога би било отворањето на уставните промени и на крајот, гласањето на уставните измени. Јас сум убеден дека ваквиот процес е достижен, ако бидеме внимателни ќе успееме“.

Тој вели дека со утврдениот датум од Европската унија, кон крајот на јули почнува скриниг, а очекува во јуни следната година да почне отворањето поглавја.

„Со утврдениот датум расчистивме, нема никакви дилеми. Почнува скрининг процесот, најавивме втора половина на јули. Кабинетите го договараат, најверојатно ќе биде околу 17 или 20 јули. Веднаш штом ќе се вратиме во Скопје ќе продолжи процесот на скринингот, за да ги договориме сите фази и се надевам дека во јуни 2019 да почнеме да отвораме поглавја“, порача Заев од Брисел, каде е во дводневна работна посета.

Во рамките на истата тој се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг според кој, клучен услов за влез во НАТО е референдумот за договорот да биде успешен. Сепак, Столтенберг информираше дека  Македонија ќе може да учествува на состаноците на НАТО  и пред полноправното членство.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1