Дваесет и тригодишниот десен бек на поранешниот европски шампион Монпеље, Мелвин Ричардсон, ќе ја засили Барселона во обидот на Каталонците повторно да се вратат на ракометниот врв во Европа.
Според неколку француски и шпански медиуми, синот на еден од најатрактивните ракометари во историјата на спортот, Џексон Ричардсон, во сезоната 2020/21 ќе го носи црвено-синиот дрес. Ричардсон беше инструментален во триумфот на Монпење над Нант во 2018 година во финалето на Лигата на Шампионите, а сега ќе има можност уште еднаш да се докаже на големата сцена и да ја потврди својата класа.
Секако, тоа нималку нема да биде лесно со оглед на тоа дека на позицијата десен бек во Барселона фигурираат Јуре Доленец и Дика Мем.
Покрај Ричардсон, како потенцијално ново засилување за Барселона се споменува и данскиот голман од Нант, Емил Нилсен.