ММС

„Рацинови средби“ во Велес на 25 и 26 септември

Овогодишените 57-ми „Рацинови средби“ ќе се одржат на 25 и 26 септември, информираше градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

Во составот на манифестацијата ќе се одржи Меѓународна научна конференција на која ќе се говори на две теми. Едната е 75 години современ македонски јазик, азбука и правопис, а другата е поврзана со јазикот и стилот во творештвото на еден од најголемите нашите драматурзи, Горан Стефановски.

На свеченото отворање ќе има поетски митинг со учество на домашни и странски автори некои во живо, а некои ќе се обратат и со видео пораки, а меѓу нив има и врвни светски поетски имиња и добитници на признанието на Струшките вечери на поезијата.

-Првата вечер ќе биде завршена со етно концерт на познатата група „Синтезис“, а се што ќе биде организирано ќе биде согласно протоколите на Владата односно на Комисијата за заразни болести за држење на предвиденото растојание. Научната конференција е предвидена во просториите на Општина Велес, а во Младинскиот парк на отворено, ќе се одржат останатите делови од програмата, ако за тоа дозволуваат временските услови, објасни Коцевски.

На свеченото затворање поетски перформанс „Колаж за Рацин“ ќе изведат актерите од Националната установа „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, а потоа ќе бидат доделени Почесното Рациново признание за 2020 и Рациновото признание, а програмата ќе заврши со концерт на Градскиот Камерен оркестар.