ММС

Ниту во Јунајтед, ниту во Сити: Капитенот ја продолжи верноста со Астон Вила

Капитенот на Астон Вила, Џек Грилиш, потпиша нов петгодишен договор со екипата од Бирмингем и со тоа стави крај на шпекулациите поврзани со неговата иднина.

Aнглискиот „тазе“ репрезентативец летово во повеќе наврати беше преселуван во топ екипите од Премиер Лигата, а според медиумите во Англија за него најзаинтересирани биле Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед.

Но, големата сума која Астон Вила ја бараше за неговите услуги, во време кога пандемијата на коронавирусот ги отежнува и финансиските околности во фудбалот, ги предомисли Сити и Јунајтед и ги натера да бараат други поевтини алтернативи.

Манчестер Сити го ангажираше младото шпанско крило, Феран Торес, додека пак Јунајтед го потпиша поранешниот фудбалер на Ајакс, Дони Ван де Бек.

-Многу сум задоволен што продолжувам со Вила. Ова е мојот клуб, мојот дом, пресреќен сум овде. Сопствениците јасно дадоа до знаење кои се амбициите на тимот и на кој начин сакаат да ја изградат Астон Вила. Возбудливи времиња доаѓаат и јас сум пресреќен што ќе бидам дел од нив, изјави Грилиш за официјалниот веб-сајт на клубот.

Дваесет и петогодишниот Грилиш, минатата сезона во 41 меч постигна 10 голови. Во Астон Вила е од осум години, дебитирајќи во 2014 година во Премиер Лигата.