ММС

Швалерите од Тетово и Гостивар во паника, можно е полицијата да ги злоупотреби камерите па ќе имаат проблем во брак

На почетокот на месецов на тетовско-гостиварското подрачје  полицијата беше опремена со мобилен систем кој ќе се применува во полициски активности, што значи дека полицајците ќе бидат опремени со камери. Видеоматеријалот ќе служи и како доказ при евентуална жалба од лицето сопрено со моторното возило. Внатрешната контрола врз основа на снимка ќе треба да утврди дали сообраќаецот постапил според своите овластувања и дали пишаната казна е заслужена.

Но, колку и да е оваа намера добра,сепак, граѓаните на Тетово и Гостивар не веруваат во овој пилот проект. Особено, на ова не веруваат љубовџиите, кои велат дека полицијата ги знае сите швалерски места и камерите ќе бидат злоупотребени. Паниката е дотолку поголема, што, како што велат- едно е да те сопре полиција и да размениш збор- два, а друго е да те сопре и да те снима и тебе и личноста до тебе.

ММС разговараше со неколкумина од овие два града, кои од разбирливи причини не сакаа нивниот идентитет да биде јавно објавен.

-Многу е смешно ова. Додуша многу страшно. Ова ќе се злоупотребува, сигурен сум сто проценти. Полицијата ги знае швалерските места и не е тешко да помине и да снима, кој со кого ја изневерува сопругата или сопругот. Еве и јас сум бил. А има ли некој што не е? Јас не познавам таков, освен ако сака да излаже, вели гостиварчанец.

Љубовџиите велат дека местата за брза љубов се божем скришни, но се јавна тајна, сите ги знаат. Кој не слушнал во Гостивар дека парови за да водат љубов одат накај Бањица, кај старите касарни, потоа патот кон селото Јеловце, кај кланицата „Горни Полог“, по темните улички… Односно кој не слушнал во Тетово за одење на калето, на Бањиче, кај градската спортската сала, кај што е неосветлено.

-Тоа се само градските скришни места, а да не зборуваме за апартманите за куси средби во градот или местата крај патот Тетово-Гостивар. Очекувано е луѓето да се плашат, да се во паника. Прво никого не можеш да осудиш зошто оди на такви места. Не се сите со пари во џебот, па да бараат соби за вљубени во други градови. Некој можеби и го нема тоа време и поблиску му е тука. На крајот на краиштата и не е важна причината зошто се таму и таму, тоа е нивен проблем. Туку што правиме со менталитетот и недовербата. Ако некој со некого е скаран, ова е вистински момент за наплата. Па снимките ќе се гледаат понатаму во станица, па…, вели еден љубовџија.

-Сигурен сум дека ќе има злоупотреба на камерите. Си се познаваме ние, не сме од вчера. Кому од љубопитство, кому за да му се смеат, кој пак за да го држат в рака. Сето тоа се  познати причини за можни злоупотреби. Демек немало веќе да има мито кај полицајците. Не ми е јасно кој ова и како ќе го контролира, бидејки сум сигурен дека нема да се користи само за брзо возење или сообраќајни прекршоци. Велат дека при секоја контрола соорбаќајната полиција ќе им кажува на возачите дека ќе бидат снимани. Ама кај ќе завршат тие снимки од мене и дамата до мене, за која не сакам да знаат, додава тетовчанец.

Од СВР Тетово на почетокот на проектот за ММС изјавија:

– Полициските службеници ангажирани за контрола и безбедност во сообраќајот на тетовско-гостиварското подрачје веќе се опремени со мобилни системи за снимање со камера. Тие ќе ги користат на терен при преземање на планирани мерки и активности. На ваков начин ќе се снима, аудио и видео, целата комуникација помеѓу полициските службеници и граѓаните опфатени со контролни активности, вели Марјан Јосиофски портпарол на СВР Тетово.

Очекувањата од овој пилот-проектот се: зголемување на ефикасноста во спроведувањето на активностите и намалување на можни злоупотреби од граѓаните или полициските службеници. Но, дали ќе биде така….

Фото: portaloko.hr/sgxl.nl/wordpress.com