ММС

Волвс рутински против Шефилд, Челзи со три гола во гости отвори со победа

Последните два натпревари од првото нецелосно коло во Премиер Лигата им пружија на гледачите коректен фудбал и шест погодоци.

Волвс во првиот меч на програмата рутинирано го совлада минатогодишното изненадување во англискиот фудбал, Шефилд Јунајтед, со 0:2. „Волците“ уште во третата минута преку Раул Хименез го совладаа новиот чувар на мрежата на Шефид, Арон Рејмсдејл, а веќе во во шестата минута дефанзивецот Роман Саис одлично се снајде во петерецот на домаќините и практично го реши победникот.

Рано примените голови силно го потресоа тимот на Крис Вајлдер, кој не успеа да се врати во игра, иако имаше неколку шанси за намалување на разликата.

Вториот дуел одигран на „Амекс“ помеѓу Брајтон и потенцијално највозбудливиот тим за гледање сезонава, Челзи, ни понуди четири погодоци, шанси на двете страни и деби настапи и голови.

Заморот од претходната и недоволната подготовка за оваа сезона, јасно се одрази на теренот. Брајтон и Челзи бавно го започнаа двобојот. Гостите од Лондон во малку чудна формација со Каи Хаверц по десното крило и Маунт по левото во нападот и Лофтус-Чик како најофанзивен играч од средината покрај Канте и Жоргињо, не успеваа да го загрозат голот на Рајан и успешно да креираат опасни акции.

Единствено подвижноста и брзината на новата аквизиција од Германија, Тимо Вернер, претставуваше проблем за високите тешкаши во дефанзивната линија на домаќините. Токму и тркот на поранешниот шпиц на Лајпциг му донесе на Челзи шанса за 0:1 во 23 минута од натпреварот. Рајан го фаулираше напаѓачот на „сините“ откако целата одбрана извиси, а Жоргињо вообичаено сигурно стрелаше од белата точка. Но момците на Грем Потер не се откажуваа и прикажаа и повеќе од солидна борба.

Во вториот дел Брајтон стартуваше како од соништата. По додавањето на поранешниот младинец на Челзи, Тарик Лампти, Леандро Тросар со одмерен удар од дваесет метри го совлада Кепа Аризабалага. Шутевите од далечина се чини дека остануваат нерешлива енигма за најскапиот голман на сите времиња. Радоста на екипата од јужна Англија не траеше долго. Десниот бек на Челзи, Рис Џејмс, со феноменален шут ја „пробуши“ мрежата на австралискиот голман и го врати водството на својот тим. Евроголот на Џејмс со сигурност ќе биде еден од главните кандидати за гол на сезоната, а ќе биде и врежан во неговата меморија со оглед на тоа дека тоа беше неговиот прв погодок во дресот на Челзи во Премиер Лигата.

Корнерот во 66 минута среќно го исползуваа гостите. На уфрлањето на Рис Џејмс во шеснаесетникот налета централниот дефанзивец Курт Зума и неговиот удар од шумата на нозе го смени правецот и заврши во голот за 1:3. Toa беше и конечниот резултат. Дебитантот во дресот на Брајтон, Адам Лалана, уште при крајот на првиот дел поради повреда мораше да го напушти тревникот на „Амекс“. Покрај него, вториот дебитант во редовите на „галебите“ Бен Вајт, исто така мораше предвреме да ја напушти играта.

Заостанатите дуели помеѓу Астон Вила и Манчестер Јунајтед и Барнли и Манчестер Сити, допрва ќе треба да се изиграат, а веќе од сабота од стандардниот термин од 13:30, Премиер Лигата се враќа во второто коло.