ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/28/18 6:22 PM

Режисерот Поповски го напушта Управниот одбор на МНТ

Режисерот Александар Поповски се збогува со претседателското место во Управниот одбор на Македонскиот народен театар. По поднесувањето на оставката, тој денеска на прес конференција образложи дека не е задоволен од состојбите во оваа културна институција. Вели дека  таму не го вложил својот кредибилитет за да биде дел, од како што смета, тонењето на оваа значајна куќа.

„Ова го правам затоа што не би сакал да работите одат по една инерција. Мислам дека не се кристализира сликата. И тоа е најважно. Ова е повеќе, на некој начин, мој гест со којшто мислам дека малку ќе се размрдаат работите со желба да станат подобри“, изјави Поповски, кој смета дека неговата работа во тоа тело е сосема бесмислена доколку надлежните институции не се произнесат и не реагираат на појавите што се причина за неговото повлекување, а меѓу нив наведува и сомнеж за ненаменско трошење на средства во износ од 150 илјади евра. Реагира и поради тоа што во МНТ се’ уште не е назначен ниту нов директор ниту нов уметнички раководител

По неговата прес конференција, од Mинистерството за култура се огласија со соопштение во кое наведуваат веќе се постапува по укажувањата за неправилности од страна на Македонскиот народен театар и ќе се земат  предвид и денешните укажувања на режисерот Александар Поповски.

Министерството за култура ќе ја продолжи соработката со Поповски, а ќе води грижа и натаму да ги ангажира авторитетите во културата, истакнатите уметници и дејци, со цел за подобрување на состојбите во оваа област. Воедно, Министерството за култура информира дека веднаш ќе пристапи кон консултации за именување на нов член на Управниот одбор на МНТ и во согласност со законските процедури ќе ја извести навремено јавноста – стои во соопштението од кабинетот на Адеми.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1