ММС

Јокиќ кажа „не оваа вечер“, Нагетси се изборија за мајсторка против фаворизираните Клиперси

Од вечер во вечер случувањата на паркетот во „баблот“ во Орландо стануваат се повозбудливи, поквалитетни и понеизвесни. Завршницата на плејофот во НБА лигата за сезона 2019/20 го дава одговорот на прашањето „зошто НБА лигата е најдобрата кошаркарска лига на светот, без конкуренција“.

По неверојатниот камбек на екипата на Денвер Нагетс против Јута Џез на Запад, тимот од Колорадо предводен од српскиот центар Никола Јокиќ е пред прагот на остварување на уште еден сериозен потрес на тлото во НБА и тоа против фаворизираниот Лос Анџелес Клиперс.

Кога се чинеше дека момците на Док Риверс лесно ќе закажат финале со градскиот ривал Лејкерс, кој беше убедлив во серијата со Хјустон Рокетс, се појави Никола Јокиќ и го кажа она познатото „не оваа вечер“.

На една нога, шутеви за три поени, лесни додавања позади грб и 34 поени на своето конто кои беа и повеќе од доволни за да Денвер успее повторно да направи неверојатен пресврт против силниот опонент и од -20 да се избори за 3-3 во серијата и мајсторка утревечер. Покрај одличниот шутерски перформанс, Јокиќ забележа и 14 скокови и седум асистенции.

Серијата од 27-6 им овозможи на Нагетси водство од 82-79 при крајот на третата четвртина. Психолошкиот момент на страната на условно речено послабиот во овој двобој, помогна за лесно окончување на победата на екипата на Мајк Малоун и стекнување сериозна предност во таа смисла за решавачкиот меч.

Покрај Јокиќ, Мареј забележа 21 поени, Гери Харис 16, а Мајкл Портер Џуниор 13 поени од клупата. За поразените, Пол Џорџ постигна 33 поени.

-Трудот беше неверојатен. Бевме во недостаток од 16, 20 поени, исто како и на претходниот дуел и исто како против Јута. Третата четвртина беше неверојатна, енергијата беше присутна, одбраната присутна, шутевите влегуваа во кош. Целиот тим играше одлично. Но, не чувствуваме притисок, притисокот е кај нив. Јас секогаш сакам да се забавувам и да го дадам најдоброто од себе, изјави Никола Јокиќ по мечот.

Победникот од овој меч-ап ќе се соочи со Лос Анџелес Лејкерс во финалето на Западната конференција. На Истокот, Бостон Селтикс и Мајами Хит како пред десеттина години ќе се вкрстат копјата и ќе се обидат да го освојат посакуваниот прстен.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.