ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/28/18 5:16 PM

Опозицијата остави домати пред зградата на МНР: Ветивте почеток на преговорите, а ни донесовте само грчка салата

Опозицијата и денеска реагираше на шегата на министерот за надворешни работи, Никола Димитров кој преку социјалните мрежи вети домат јабучар за земјите што ќе дадат зелено светло за влез на Македонија во Европската унија и НАТО.

Опозиционерите оставија домати пред зградата на ресорното министерство, од каде порачаа дека неспособноста не се покрива со домати.

„Скапаа доматите од годинешната реколта, а Зоран Заев и Никола Димитров не успеаја да испорачаат реформи за преговори со ЕУ. ЕУ бара резултати, а не препродавачи на име и домати. Домат дипломатијата на Димитров го доживеа својот дебакл. Доматите кои требаше да патуваат во ЕУ остануваат скапани за Димитров и Заев. Ќе скапуваат уште најмалку година ипол, а со неспособната и расипничка власт загрозени се и наредните реколти.

Не само што не може криминалот и корупцијата да ги покријат со трудот на земјоделците, туку не им помогна ни обидот заедно со доматите да го понудат македонското име и идентитет“, изјави Филип Ѓорѓиев од ВМРО ДПМНЕ, кој обвини дека Димитров е неспособен и несериозен.

„Господине Димитров, младите немаат ама баш никаква корист од вашата домат дипломатија. Македонија останува закопана и обезличена заради вашата неспособност која ја компензирате со крајна несериозност. Знаеме дека не сте се мрднале од скапите фотелји за да ја видите маката на земјоделците, да произведат гајба домати и дека мува не ве лази дали и во наредната година тие ќе имаат пласман или ќе ги продаваат по рекордно ниски цени кои не ги покриваат ниту трошоците на производство“, додаде тој.

Од МНР не ја коментираа прес конференцијата на Ѓорѓиев, но СДСМ во соопштение за медиумите попладнево наведува дека како што велат оттаму, само ВМРО ДПМНЕ не се радува на македонските успеси.

Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да прифати дека од „заробена држава” Македонија успеа да се врати на вистинскиот пат, на евро-атлантскиот пат на иднината и затоа очајно се обидува да ја манипулира јавноста, се вели во соопштението.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1