ММС

Oд денес нови 70 професионални војници во Армијата, следува конкурс за уште 200

 „Армијата се развива, јакне, и она што е најважно како што гледаме денеска нашата Армија се подмладува. Вие денеска станувате дел најпочитуваната институција со најголема доверба во нашата држава“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешниот прием на нови 70 професионални војници во касарната „Илинден“.

Шекеринска истакна дека вложувањата во Армијата во изминативе три години придонеле за прв пат по долги години, интересот да биде исклучително голем. „За прв пат, за 70 места за војници имавме 750 кандидати- практично по 10 кандидати за секое место. Тоа покажува дека нашето вложување во институцијата, во подобри услови и опрема, веќе се забележува од страна на сите”, порача министерката.

Министерката информираше дека во наредниве денови ќе биде распишан нов конкурс за прием на уште 200 професионални војници кои што покрај тоа што ќе ја подмладат Армијата, ќе создадат и нов капацитет во кој Армијата и Министерството ќе вложуваат.

На свеченоста по повод приемот на новите војници присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата, Васко Ѓурчиновски и командантот на касарната „Илинден“. Со денешниот прием на 70 војници вкупната бројка на новопримени војници во изминатите три години изнесува 630.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.