ММС

Објавено на: 09/9/20 11:02 AM

„Макфест“ првпат на отворено, на 18 и 19 септември на штипскиот плоштад „Слобода“

Јубилејното 35. издание на фестивалот на забавна музика „Макфест“ ќе се одржи на 18 и на 19 септември, првпат на отворено, на штипскиот плоштад „Слобода“. Причина за тоа е коронавирусот, иако за излегување на музичката манифестација на отворено имаше поборници уште одамна, кои сметаа дека така фестивалот може да биде поатрактивен.

„Во услови на светска пандемија, предизик е успешно да се организира „Макфест“, а истовремено да се задржи и фестивалскиот гламур. Направени се опредеени промени, а во текот на фестивалот ќе се почитуваат сите протоколи и мерки за заштита од вирусот“, рече на денешната прес-конференција Јане Миланов, заменик-градоначалник на Општина Штип, која е организатор на „Макфест“.

Првата фестивалска вечер на 18 септември е ревијална и на неа ќе настапат осуммина интерпретатори кои оставиле белег во изминатите 35 години на „Макфест“, а ќе исполнат свои композиции што ги пеале на фестивалот, но и други хитови од изминатите години на „Макфест“. На втората, натпреварувачката вечер, ќе бидат исполнети 24 композиции. Наградите остануваат исти како лани – 5.000, 3.000 и 1.000 евра за првопласираната, второпласираната и за третопласираната композиција, а по 500 евра се предвидени за најдобар сценски настап, најдобар дебитант и за најдобар аранжман.

„Натпреварувачката вечер ќе оди плејбек, за да се избегне секаков ризик зашто би требале 24, па и повеќе микрофони за сите пејачи. Додека ревијалната вечер ќе биде во живо, а осумтемина интерпретатори ќе ги придружува Баги биг-бендот под диригенство на Љупчо Мирковски“, вели Кирил Панајотов од организацискиот одбор.

На плоштадот на двете фестивалски вечери ќе има максимално по 400 столови за гости и публика, оддалечени најмалку 1,5 метар еден од друг. И во случај на дожд, фестивалската програма на плоштадот ќе се одржи, информираат организаторите. Двете фестивалски вечери ќе бидат пренесувани од МРТ.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.