ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/27/18 3:25 PM

Во Кавадарци отворена изложбата „Килимарството во Тиквешијата“

Триесетина различни фолкорни примероци на килими од Македонија кои се дел од  постојаната поставка  на килими сопственост на Музеј Галеријата-Кавадарци беа претставени денес во рамки на етнолошката изложба Килимарството во Тиквешијата.

„Килимите биле дел од скоро секоја македонска куќа, изработени од нашите баби и прабаби и додека денес се заборава оваа дејност само музеите зачувале по некој примерок од нив“, истакна директорката Весна Ѓорѓиева.

„Изложбата претставува и еден сегмент од етнолошката збирка која ја поседуваме,а која е прибирана по пат на долгогодишни етнолошки истражувања на територијата на нашата општина,по пат на подарок,сепак традиционалното килимарство како кај нас во Тиквешијата па и пошироко,секој пат претставува една значајна нитка во националното народно уметничко творештво и за миг ќе се вратиме во некое не многу далечно минато, околу 100-150 години, кон крајот на 19 и почетокот на 20 век“, рече Ѓорѓиева.

Томе Крстевски, кустос етнолог вели дека покрај богатите орнаментални мотиви, жените ткајачки од Тиквешкиот регион успеале на своите килими  да ги отсликаат своите сопствени творечки способности и уметнички доживувања:

„Црвено црната е боја на стремежот, енергијата, радоста, симбол на бојата на виното и крвта, стремежот за Македонскиот непокор низ историјата. Вештите раце на македонската жена од Тиквешијата со црвено-црниот конец преку разбојот создава своја приказна, преку симболите  прераскажува деловите од животниот циклус, раѓањето, бракот и умирачката. Вештите раце на македонската жена ни оставаат една порака од едно изминато време, но и порака за нашата иднина во целост“.

Килимарството како дејност, според Крстевски, она домашното, кај нас се појавило во 16 и 17 век, а Македонија била позната како килимарски центар.

 

Билјана Тошевски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1