ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/27/18 1:21 PM

Норвешка на Самитот на НАТО ќе поддржи покана за Македонија

Норвешка силно го поддржува членството на Македонија во НАТО, а потврда за недвосмислената поддршка е и одлуката со која норвешката влада ја поддржа поканата за Македонија за членство во НАТО – истакнаа денеска министрите за одбрана на Македонија и Норвешка, Радмила Шекеринска и Франк Баке-Јенсен, на средбата во Осло.

На средбата министрите заклучија дека донесените храбри одлуки и го отвораат патот на Македонија да ја добие долгогочекуваната и заслужена покана за членство во Алијансата – соопштија од Министерството за одбрана.

– Беше потребно визионерство и лидерство да се реши повеќедеценискиот спор со Грција. Ова решение е и стратешки чекор за двете земји. Балканот покажа дека не само што не предизвикува проблеми, туку може да биде и модел за решавање на европските проблеми и предизвици. Тоа не може да се каже многу често. Сега Македонија очекува силна валоризација на сето она што е направено, преку покана за членство во Алијансата и почеток на преговори со Европската Унија – рече Шекеринска на средбата.

Според неа, придвижувањето на евроатлантските интегративни процеси за Македонија ќе значат зацврстување на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот Балкан, што е предуслов и за безбедна Европа.

Во соопштението на МО се наведува дека норвешкиот министер Франк Баке Јенсен го поздравил позитивниот развој на настаните околу спорот со името меѓу Македонија и Грција.

– Ова е поттик за трансформацијата и за стабилноста за целиот регион. Нашата поддршка за членството на Македонија во НАТО е недвосмислена, посочил Јенсен и ја информирал Шекеринска дека на претстојниот Самит на НАТО во Брисел, Норвешка ќе одговори позитивно за поканата за прием на Македонија во Алијансата.

За време на посетата, министерката се сретна со државниот секретар во норвешката Влада, Ингвилд Нес Стуб, со државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Аудин Халворсен и со претседателот на парламентарната комисија за надворешни работи и одбрана,  Аникен Хуитфелд.

На средбите, како што информираат од МО, министерката се осврнала на исклучително позитивниот развој на односите во Македонија, посветеноста на демократизација на општеството и прагматичниот пристап кон решавање на отворените прашања помеѓу соседите.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1