ММС

НБА тимовите не сакаат да продолжат со кошарка, лудилото мора да престане

Историски преседан. Екипата на Милвоки Бакс вчера не сакаше да излезе на паркетот и да го одигра мечот број пет со Орландо Меџик. Бојкотот на натпреварот, а подоцна и целиот остаток од сезоната, симболичен знак и протест е поради новиот случај на полициска бруталност во САД, откако Џејкоб Блејк, човек со темна боја на кожата, беше застрелан седум пати позади грб до своето возило од страна на полицаец во Кеноша, Висконсин.

Генералниот менаџер на Бакси, Џон Хорст, изјави дека играчите не сакале да излезат од соблекувалните, затоа што некои работи се поголеми од кошарката.

За одлуката за напуштање на „баблот“ по најновите случување во САД, наводно разговарале пред два дена и екипите на Торонто и Бостон. Потоа практично сите франшизи во лигата одлучија дека време за кошарка не е. Челните лица на НБА ги одложија сите натпревари кои требаше да се одиграат денес, Хјустон-Оклахома, Лос Анџелес Лејкерс-Портланд Блејзер.

Ѕвездите во најдобрата кошаркарска лига во светот, апсолутно ја поддржуваат одлуката за напуштање и бојкотирање на лигата. Тие ова го гледаат како совршена прилика да се започнат промени во американското општество, а НБА како најпопуларна лига ја користат за остварување на својата цел и добивање медиумско внимание.

Леброн Џејмс, Пол Гасол, Двен Вејт, Хидает Туркоглу, Донован Мичел, Енес Канте, ДеМар Де Розан, Вили Ернангомез, Кевин Лов и многу други, целосно застанаа за своите поранешни и сегашни колеги.

Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, прокоментира дека играчите во НБА имаат свој став и стојат на него, без разлика кои се последиците.

Раководните органи на лигата денес ќе се сретнат со претставниците на екипите и ќе се обидат да пронајдат решение за продолжување на ионака оддолжената кошаркарска сезона.

 

Клучни зборови: бојкот, кошарка, милвоки, нба, спорт

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.