ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/27/20 11:27 AM

УНИЦЕФ: „Третина од децата во светот немаа пристап до онлајн наставата“

Меѓународниот фонд за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека најмалку една третина од децата немаа пристап до онлајн наставата откако училиштата беа затворени со цел спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), што според нив предизвикало „глобална вонредна состојба во образованието“, пренесува „Анадолија“.

„За време на затворањата кои следуваа со цел спречување на ширењето на пандемијата на Ковид-19, затворањето на училиштата погодило речиси 1,5 милијарда деца“, се истакнува во извештајот на УНИЦЕФ, објавен вчера.

„За најмалку 463 милиони деца чии училишта се затворени поради Ковид-19, не постоеше начин да присуствуваат на наставата од далечина. Образованието на огромен број деца со месеци беше нарушено, што претставува глобална криза во образованието. Последиците би можеле да се почувствуваат во економиите и општествата во наредните децении“, истакна Хенриета Фор, извршна директорка на УНИЦЕФ.

Во извештајот се наведува значителна нееднаквост во регионите, а најмногу се погодени учениците во супсахарска Африка, каде што 49 отсто од нив немале пристап до онлајн наставата.

Од УНИЦЕФ соопштија дека во извештајот се користени глобално репрезентативната анализа на достапност на домашната технологија и алатките потребни за учење од далечина, како што се пристапот до телевизија, радио, интернет и достапноста до наставните планови и програми преку платформите.

Децата во најсиромашните домаќинства и во руралните средини биле најмногу погодени. Најмладите деца исто така најверојатно пропуштаат учење од далечина во текот на критичните години, се наведува во извештајот, во најголем дел поради предизвиците и ограничувањата на онлајн учењето за малите деца и недостигот на технолошки уреди дома.

УНИЦЕФ предупреди дека ситуацијата веројатно е уште полоша, бидејќи таму каде што технологијата постои дома, децата можеби не можат да учат поради притисокот за извршување на домашните работи или пак поради тоа што мораат да работат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1