ММС

Објавено на: 08/25/20 2:00 PM

Штипска административка добила одлука за отказ, за ДПМНЕ ова е партиски реваншизам, од Општината велат го злоупотребила боледувањето

Вработена во штипската администрација, а поранешна директорка на Дом на млади во Штип, вчера добила одлука за отказ од работното место поради тоа што држела партиска прес-конференција.

ВМРО – ДПМНЕ реагира дека се работи за партиски реваншизам и за незаконски изречена мерка од страна на дисциплинската комисија од Општина Штип.  Од општината пак велат дека повеле дисциплинска постапка бидејќи лицето го злоупотребило боледувањето.

– И покрај тоа што од страна на градоначалникот се ветуваше дека нема да има отпуштања од Општина Штип, како резултат на партиски реваншизам, се покажа спротивното. Во текот на вчерашниот ден, поради партиски пресметки, спакувани во незаконски изречени мерки, спроведени во време на Корона криза, пред почеток на школска година, на родител на две малолетни деца, дисциплинска комисија од Општина Штип, донесе одлука за отказ од работно место. Kако жени и мајки, апелираме да се преиспита донесената одлука, изјави Весна Ничева советничка во Советот на Општина Штип од редовите на ДПМНЕ.

Од таму го повикуваат градоначалникот во рамки на своите надлежности  да ја преиспита ваквата одлука на дисциплинската комисија и да го исполни своето ветување дека нема да има отпуштања на вработени од општината.

Секретарот на Општина Штип, рече дека нема намера да коментира партиски пресконференции, но кажа дека за да биде јасно треба да се знае дека до неа пристигнало барање за поведување дисциплниска комисија за злоупотреба на боледувањето на лице вработено во општинската администрација.

– Во законски предвиденот рок донесов решение со кое формирав дисциплинска комисија која имаше обврска да ја спроведе постапката. Дисциплинската комисија одржа расправа на 24 август и ја спроведе постапката како што е предвидено во Законот за административни службеници и вработени во јавниот сектор. Виновноста на лицето против кое се води постапка ја утврдува со тајно гласање дисциплинската комисија. До мене како секретар се уште нема дојдено записник по кој ќе видам дали е утврдена вина и ако е утврдена вина, која мерка е предложена од страна на дисциплинската комисија, потенцираше секретарот на Општина Штип, Соња Китанова.

Доколку комисијата го прогласи лицето за виновно, со тајно гласање се определува една од трите мерки предвидени  со закон – казнување со триесет отсто од плата, распоредување на пониско работно место или престанок на работнот место.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1