ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/26/18 1:38 PM

Аргентина и Меси го бркаат последниот воз за осминафинале, Исланд верува во чудо

Иако се очекуваше денешниот ден да биде само формалност за Аргентина, некогашниот светски шампион се доведе во ситуација да го брка последниот воз за пласман во осминафиналето на Мундијалот во Русија.

„Гаучосите“ одиграа катастрофални натпревари против Исланд и Хрватска, на истите не само што успеаја да освојат само еден бод (1-1 против Исланд и пораз од Хрватска со 3-0), туку и ги разочараа своите фанови со прикажаната игра. Очекувањата беа дека оваа Аргентина на чело со Лионел Меси е зрела за голем успех, но на терен не изгледаше така. Избраниците на Сампаоли можеби го играат најлошиот фудбал на овој Мундијал, одбраната им е ранлива, на средината и тоа како ѝ фали креација, нападот е загубен, а Меси речиси и да е „невидлив“.

По убедливиот пораз од Хрватска, видно е нарушувањето на атмосферата во редовите на Аргентина. Таа вечер играчите имале состанок со раководните луѓе на федерацијата и зборувале за снема на Сампаоли, но на крај, се одлучи контроверзниот стратег да остана не клупата и за мечот со Нигерија. Според последните пишувања на тамошните медиуми, за овој дуел главниот збор нема да го има селекторот, туку капитенот Меси, па сигурно сите со нетрпение очекуваме што ќе се одлучи ѕвездата на Барса. Дали ќе има драстични промени во играчкиот кадар или пак конечно Дибала и Игуаин ќе добијат шанса од првата минута ќе дознаеме вечерва од 20.00 часот кога е закажан овој дуел.

Нигерија пак, одигра очајни и досадни 135 минути (90 против Хрватска и 45 со Исланд), за во следните 45 да експлодира и да ги покаже сите свои квалитети. Голема заслуга за ова има германскиот стратег Рор, кој направи неколку клучни промени во составот и ја скрои вистинската тактика, која најмногу им одговара на избраниците. Се очекува пристапот на Нигеријците да биде идентичен и на вечерашниот меч, нема да играат многу фудбал, но мудро ќе ја чекаат својата шанса и преку брзите Муса и Ихеаначо ќе го нападнат голот на противникот. За разлика од Аргентина, која ако сака осминафинале мора да победи, Нигерија во едно сценарио може и со реми да се најде меѓу најдобрите 16 на овој турнир.

Сепак, исходот од овој натпревар може да биде во втор план, доколку на вториот натпревар од оваа група, Исланд извојува убедлива победа над Хрватска. „Коцкестите“ се лидери на табелата и веќе се во осминафиналето, па затоа селекторот Златко Далиќ се одлучи да ги сочува силите на своите најдобри фудбалери  и со видно-изменет состав ќе настапи против Исланд. Токму оваа ситуација го отвара патот на Исланѓаните, кои веруваат во ново чудо по она на Европското првенство од пред две години.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1