ММС

Кој ќе понесе одговорност ако преку училиштето се прошири заразата, прашуваат родителите кои ја поддржуваат онлајн наставата

Додека едни родители најавуваат бојкот на онлајн наставата, други апелираат учениците да ги следат часовите електронски во рамките на учебната година која претстои, а за која сѐ уште не се знае кога ќе почне. Како што веќе објави Македонски медиа сервис родителите што сметаат дека децата треба да се вратат во училишните клупи, а кои се дел од фејсбук групата Иницијатива на родителите за учебната 2020/2021, стравуваат дека многу генерации ќе останат неписмени. За разлика од нив, други родители предупредуваат дека одвивањето на наставата во училниците е голем здравствен ризик.

Тие ова го наведуваат и во Барањето испратено до неколку надлежни институции, до Детската амбасада Меѓаши, но и до УНИЦЕФ. Преку овој документ инсистираат онлајн наставата да биде осмислена, ефективна и квалитетна.

„Бараме како платформа за изведба на онлајн учењето да биде било која интернет алатка која овозможува видео конференциска врска како Microsoft teams, Zoom, Google classroom и слични.  Веруваме во капацитетот на наставниот кадар, кој и досега покажа дека поседува креативност и способност за справување со новите околности. Сметаме дека токму со барањето на оваа опција ги заштитуваме и наставниците, на кои со решението за физичка настава им е наметнат и најголем дел од одговорноста, но и ризикот од изведување на истата што подразбира и познавање на кризен менаџмент“ – се наведува во Барањето на родителите обединети во групата Поддршка за онлајн настава во учебната 2020/2021.

Дел од нив е и Светлана Димитриевска, која е мајка на две деца од седум и од деветгодишна возраст. Ја прашавме дали и со какви проблеми се соочиле нејзините деца изминатото полугодие кога наставата се следеше онлајн, на што таа посочува дека најголемиот проблем всушност биле учебниците, кои според неа, се на ниво на прирачници.

„Тоа бараше дополнителен ангажман од мене за некои теми и одредени предмети.Успеав на забавен начин да ги опфатам сите теми, вклучивме истражување со гугл, ги проширувавме темите и мислам дека успеавме да ја совладаме материјата. Можеби за сето тоа ми помогна и мојата професија како наставник по пијано, но во групата се ангажирав како родител“, вели Димитриевска во изјава за ММС.

Одговарајќи на прашањето како го коментира тоа што има родители на кои нема кој да им ги чува децата, но и такви кои финансиски не можат да си ја дозволат потребната технологија, нашата соговорничка потенцира дека во барањето се опфатени сите проблематики:

„Ги земавме предвид и родителите кои мораат да одат на работа, кои немаат кој да им ги чува децата и затоа побаравме онлајн опција. Не бевме исклучиви, ниту радикални во барањата. Побаравме ние да понесеме одговорност за здравјето на нашите деца и семејства. Со тоа понудивме и можност да го растеретиме бројот на децата во училиште, како и здравството. Во нашата група објавивме многу акции и донации за сите на кои им е потребен компјутер. Воедно посочивме и дека ниту планот за физичко присуство или комбинирана настава, кои секако ќе се одвиваа со скратени часови и смени, нема да ги реши актуелните проблеми“.

Групата веќе брои околу 13 000 членови и Димитриевска смета дека успеале да го добијат она што го барале, со оглед на тоа дека МОН го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести наставата да се одвива онлајн, со исклучок на учениците со хронични болести и оние кои имаат член на семејството од ризичната група, како и со исклучок на децата од прво до трето одделение кои ќе може наставата да ја следат од дома по барање на родителите.

„Ние го добивме тоа што го баравме.Останува надлежните да ги осмислат работното време и можностите на родителите, особено тие кои се во приватниот сектор. За жал, би истакнала дека сепак потребата за онлајн настава за сите се зголемува, затоа што и наставниот кадар треба да биде заштитен. И меѓу наставниците има луѓе со кревко здравје, како и грижата за заштита на нивните семејства. Сметам дека и тие треба да бидат прашани и консултирани да добијат право на избор“, додава Димитриевска.

Родителите кои стојат зад Барањето за онлајн настава укажуваат и на состојбата во која се наоѓаат училиштата ширум државава, а во кои според нив, е невозможно постигнување на потребното ниво на хигиена и социјална дистанца.

Ние само во текот на овие денови откако постои Фејсбук групата во чие име ви се обраќаме, слушнавме стотици поплаки за супстандардните услови во многу училишта кои немаат постојано вода за пиење и имаат загрижувачка состојба во однос на ниското ниво на хигиена во нормални, а со тоа и во услови на пандемија. Како загрижени родители посебно не’ тангираат и многу други прашања, доколку немаме можност за онлајн настава, а тоа се прашањата за адресирање на одговорноста во случај на загрозување на здравјето на нашите деца, а со тоа и на нашето – се додава во документот.

Оваа тема уште од почетокот на летото ги подели родителите, па додека едни се задоволни од препораката на Комисијата, други како што веќе објавивме, се подготвуваат за бојкот на наставата доколку таа се одвива онлајн, освен за децата од ризичните групи. Според некои пак, бојкотот нема да донесе резултати и потребно е да се организира протест.

Додека долгите дебати меѓу најзасегнатите на социјалните мрежи се веќе секојдневие, почетокот на новата учебна година е неизвесен зашто тоа зависи од собраниската работа и од изборот на Владата. За да се реализира настава на далечина, домашната легислатива ќе треба да претрпи измени, бидејќи актуелната не нуди таква можност.

 

Вања Мицевска