ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/13/20 3:24 PM

Храбрата Аталанта не издржа, ПСЖ е во полуфиналето на Лигата на Шампионите

„Доколку Чупо-Мотинг е одговорот, тогаш кое е прашањето?“, веруваме дека ова вчера го помислија сите неутрални или помалку неутрални фудбалски фанови кои го проследија првиот четвртфинален дуел помеѓу Аталанта и ПСЖ на стадионот на Бенфика во Лисабон.

И инстантно беа демантирани. Поранешниот фудбалер на сега веќе Чемпиошип тимот, Стоук Сити, ја елиминираше екипата на Гасперини и му донесе прво полуфинале на парискиот клуб во нивната не толку долга историја.

Аталанта одигра многу добри 60 минути, го контролираа мечот, ја имаа играта, иако Нејмар во неколку ситуации во првото полувреме не успеа да искористи „зицер“ пред голот на Спортиело. Тимот од Бергамо претставува сензација во Лигата на Шампионите, но во последните сезони и во Сериа А. Нивниот одличен скаутинг систем и младински категории, му овозможија на Гасперини да создаде вистинска напаѓачка машинерија и да цели многу високо на сите три фронтови.

Проигрувањето на робусниот напаѓач на Аталанта, Дуван Запата, кој рака на срце вчера не одигра којзнае каков натпревар за паметење, одлично го проследи хрватскиот интернационалец Марио Пашалиќ. Одмерениот удар од дваесеттина метри го совлада расположениот Кејлор Навас и им донесе посакувано водство на сино-црните.

Заморот ги пристигнуваше „бергамистите“, а ПСЖ во последните триесет минути од мечот постојано ја плетеше мрежата околу голот на Спортиело. Недоволно залечениот Килијан Мбапе го замени Пабло Сарабија и целосно го смени текот на натпреварот. Темпото беше на едно ниво погоре, пребрзите и одморни нозе на францускиот ас правеа низа проблеми на истрошената дефанзивна петка на Аталанта.

Клучниот момент на натпреварот го направи повредениот тренер на парижаните, Томас Тухел. Го уфрли во игра Камерунецот, Ерик Максим Чупо-Мотинг и не погреши. Се што изградија фудбалерите на Гасперини се сруши во последните три минути од дуелот. Во 90 минута Нејмар најдобро се снајде во мешаницата пред голот и ја протна топката во мрежата по додавањето на Маркињос. Фудбалерите на ПСЖ не застанаа ниту за момент, чекајќи потенцијални продолженија или пенали. Тргнаа со сите сили по уште еден гол – и го добија. Мбапе до Чупо-Мотинг за крај на надежите на храбриот колектив од Бергамо кој ни пружи сезона за паметење и уживање.

Колку оваа победа им значеше на парижани, ни укажува и снимката од последните мигови на натпреварот и победничкиот погодок на Чупо-Мотинг, кога фудбалерите на ПСЖ кои отсуствуваа од мечот поради повреди, Ди Марија и Марко Верати, „на една нога, скокајќи“ од високиот дел на трибините трчаа надолу да ја споделат радоста со останатите свои колеги.

Прво полуфинале за ПСЖ во историјата на клубот и закажан двобој со победникот од дуелот помеѓу Атлетико Мадрид и Лајпциг.

Овие две екипи вечерва во Лисабон ќе играат за полуфинале од 21:00.

 

https://www.youtube.com/watch?v=UJoD2cRlF9c


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1