ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/11/20 3:48 PM

Експериментот неуспешен, Јуве го продава Арон Ремзи

Екипата од Торино во изминативе десеттина година, имаше тенденција на купување на фудбалери на кои им е истечен договорот. Односно, Јувентус ги „ловеше“ оние кои остануваат без клуб и за кои не треба да се плати отштета на нивниот матичен клуб. И за волја на вистината, таквата политика на Андреа Ањели и раководството на клубот се покажуваше како исправна, од финансиска гледна точка, но и од играчка.

Велшкиот репрезентативец и поранешен играч на Арсенал, Арон Ремзи, изминатото лето пристигна во Јуве како слободен играч. За жал на навивачите на „старата дама“, Ремзи не беше новиот Погба. Ремзи беше непрепознатлив. Минутите кои ги добиваше од Сари не ги користеше ефективно, а најголемиот дел од сезоната го помина на клупата.

Иако од играчки аспект Јувентус нема да ползува од Арон Ремзи, финансискиот аспект ќе биде повторно покриен. Фудбалерот од средниот ред е ставен на листата на продажба, заедно со неколкумина негови колеги, Игуаин, Данило, Кедира.

Тој за Јувентус постигна четири голови на 35 појавувања во сезоната 2019/20, во освојувањето на деветтата титула на „бјанконерите“ во Сериа А. Дваесет и деветогидшниот Ремзи има уште три години до истекувањето на договорот и за неговите услуги според медиумите во Италија, Јувентус ќе бара минимум 30 милиони евра.

Интерес за Ремзи постои од Англија, враќањето во Арсенал е една од опциите, но покрај Арсенал, интерес за него пројавуваат и Волвс, Севиља и неколку тимови од МЛС лигата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7