„Мајкрософт“ го издвои УГД како позитивен пример за брз и успешен премин во онлајн настава
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/11/20 2:20 PM

„Мајкрософт“ го издвои УГД како позитивен пример за брз и успешен премин во онлајн настава

Со 15 факултети и повеќе од 9000 студенти, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е еден од најдобрите државни универзитети во Македонија. Универзитетот во декември 2019 почна да бара начини за учење од далечина, а веќе во март годинава повеќе од 4400 студенти и 360 професори активно се вклучија во онлајн предавања на „Мајкрософт 365“ платформата – вака „Мајкрософт“ на нивниот официјален веб-сајт ја започнува приказната за единствениот универзитет во Македонија кој е издвоен како успешен пример за брз премин од учење во предавална во учење на далечина.

Целосната промена во учењето за време на коронакризата, по успешно реализираниот пилот проект,  универзитетот според „Мајкрософт“  ја направил речиси преку ноќ.

– Не само што ни требаше решение, туку ни требаше многу брзо, истакна Јордан Тиквешански, раководител на ИТ одделот во УГД.

Тиквешански наведува дека универзитетот направил истражување за тоа дали студентите се задоволни од ваквото далечинско учење и алатките кои се користат, за што добиле позитивен одговор. Повеќе од 67% од студентите очекуваат дека онлајн алатките ќе бидат дел од нивната редовна настава и во иднина.

Проректорот на УГД, проф. Д-р Мишко Џидров истакнува дека онлајн учењето во некои аспекти го подобрило целиот образовен процес и самата комуникација меѓу студентите и професорите.

– Одевме чекор по чекор. Развивме сопствени упатства за да помогнеме во процесот на адаптирање. Потоа направивме видео туторијали како да се користи Teams и сите негови придобивки. Импресивно беше како сите многу бргу го прифатија и го користеа. Во некои случаи забележавме и подобрување на односот студент – професор. Студентите, во некои онлајн предавања беа по опуштени и учествуваа во свои мислења за разлика од физичката настава, истакна проректорот.

За три месеци на УГД онлајн се спровеле 100.000 часа аудио настава, 50.000 часа видео настава и преку 11.000 сесии.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7