ММС

Таравари: Зад протестите за депонијата Русино се вмеша политиката и се бара инцидент по секоја цена

Некои од протестирачите кои ја блокираат депонијата Русино се инструирани од политички партии чија крајна цел е да предизвикаат инцидент во Гостивар. Вакво сомневање искажа гостиварскиот градоначалник во одговорите на прашањата од ММС за последните случувања и како ќе се решава проблемот со депонирањето на смет кој се собира во општина Гостивар.

– Јас им верував на некои од предводниците иницијативата и се заложив нивните барања да бидат остварени. Но добив информација дека двајца од нив имале средба со челници на политичка партија и разговарале за организација на протестите. Според нашите сознанија, некои од нив имаат досиеја како корисници на наркотични дроги, а некои се и партиски активисти во ДУИ и ВМРО ДПМНЕ. Не сакам да ги делам луѓето, но сметам дека за да се дискутира со таква личност е крајно несериозно. Како институција добивме информации од добронамерни луѓе дека е планиран инцидент и затоа ние внимаваме во нашите постапки и избегнуваме провокации. Секако дека стоиме зад иницијативата и ја поддржуваме, но некои барања и рокови се нелогични, бидејќи треба да се спроведат јавни набавки, речеТаравари за ММС .

Откако е спуштена рампата и се постави жив штит, на локалниот пат до депонијата Русино не е пропуштено ниту едно возило да истовари смет.

Од граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар” во неколку наврати ја отфрлија политичката заднина и поддршка. Тие и вчера нагласија дека нема да отстапат од барањата: поставување на безбедносни камери, дежурна служба и редовно затрупување со земја за да се спречат пожари

Од ЈП Комуналец информираат дека веќе се соочуваат со проблеми околу прибирањето на сметот. Изминативе два дена го складираат во магацини, но и тие се веќе полни. Директорот Исак Љазами побарал од полицијата да помогне и да се одблокира патот и нивна асистенција. Љазами искажа дополнителна загриженост дека во овој период околу 40 тони комунален смет што на дневно ниво се подига, ќе бидат дополнителна закана по здравјето на луѓето. Локалната власт од пред празникот го забрани фрлањето на отпад за соседните општини.