ММС

Ќе заѕвони ли училишното ѕвонче или ранците ќе останат дома? Родителите поделени за онлајн учење и на училиште со маски

Неизвесноста околу почнувањето на новата учебна година повторно ги стави на мака родителите, откако пред неколку месеци тие мораа многу повеќе од вообичаено да учат и пишуваат домашни со децата бидејќи наставата се „пресели“ во домовите. Дебатите на оваа тема веќе со денови на големо се водат на социјалните мрежи, каде родителите обединети во две групи објавија петиции што планираат да ги испратат до Министерството за образование и наука.

Исти прашања, а многубројни ставови. Некои сметаат дека децата треба да тргнат на училиште според посебни протоколи, други велат дека нема потреба од маски, трети пак, предупредуваат дека доколку нема услови за електронско одвивање на наставата не би ги пуштиле своите деца во училишните клупи, дури и по цена да изгубат цела година.

Работните и условите за чување на децата, ги поделија родителите

Родителите од фејсбук групата Поддршка за онлајн настава во учебната 2020/2021 година во петицијата до МОН  предлагаат да се воведе можност за онлајн настава во сите кризни жаришта, додека други сметаат дека оваа опција треба да важи на ниво на држава, така што можно е документот да претрпи и извесни промени пред и официјално да биде испратен до ресорното министерство.

Како алатка за онлајн настава, која согласно искуството во изминатиот период дала најпозитивни критики е предложена Microsoft teams, којашто може комплетно да одговори на видео конференциско предавање. Истата алатка се користи во светот во сите реномирани образовни институции. Со скратена настава и точно дефиниран распоред погоренаведеното е остварливо – се наведува во петицијата. Со истата, се предлага и ослободување од работа на родителите на деца до десет години, на децата што спаѓаат во ризичните групи и оние од еднородителски семејства.

Ваков предлог има и во петицијата на родителите од групата Иницијатива за учебната 2020/2021, каде е објавена и анкета на темата, иако повеќе од половина се за тоа дека училиштата треба да ги отворат вратите од септември.

Загриженоста за ослободувањето од работа и чувањето на децата ја дели Ивана Василеска, една од родителите што ги контактираше Македонски медиа сервис за да ги дознаеме аргументите одблизу. Нејзиното помало дете е запишано во градинка и во образложувањето на ставот зошто треба да оди таму додека нема кој да го чува, таа зборува и за родовата еднаквост.

„Повеќето од родителите и немаат помош од баба и дедо и немаме на кого да ги оставиме. Двајцата сме со завршен факултет, работоспособни и најредовно одиме на работа. Сметам и дека политичарите и институциите што се борат за рамноправност во платите на жените, треба да излезат со став за каков притисок и дискриминација имаме ние жените што треба да останеме дома без работа. Па каков е овој систем што не’ условува со здравје, а не е точно дека децата нема да бидат здрави ако одат во градинка, напротив децата се поздрави и посреќни со своите врсници, како и ние родителите со исполнет ден и чувството дека допринесуваш на ова општество. Психолозите треба исто да се изјаснат и да ја опишуваат состојбата како на децата така и на родителите, ова нема да биде привремено, баш верувам дека 3-4 години ќе трае. И да, јас сум родител, но плаќам данок на државата за да ми ги обезбеди сервисните услуги за згрижување на децата. Еден карактер да се формира не е потребно само домашно воспитување туку и социјална заштита, социјализација со врсници и многу други надворешни фактори кои влијаат врз децата“, изјави Василеска.

Сашка Николова пак, чиј син е 14 години, вели дека образовниот процес нема да затаи ако наставата се спроведува онлајн:

„Во моментов сметам дека неговото здравје и здравјето на сите дома е најважно. Само жив човек има иднина и може се’ да постигне, оној кој го нема останува во нашите спомени… Во врска со образованието, сметам дека горенаведениот фактор во оваа ситуација е многу поважен отколку уката која мојот син ќе ја добие или пропушти доколку се оди физички на училиште или пак се работи онлајн. Со оглед на тоа дека реномирани дипломи и сертификати се стекнуваат онлајн јас сметам дека не е ништо страшно и свидетелство за основно или средно образование да се добијат исто онлајн, посебно затоа што ова е привремено решение и нашето ново секојдневие ќе биде порастеретено кога ќе има вакцина или кога ќе ослабе вирусот“.

Сепак, додава таа, епидемиолозите се тие што треба на крај да оценат каков би бил ризикот:

„Образовните институции, за жал, сите знаеме како изгледаат и во која состојба се. Јас сум дијабетичар и сметам дека е ризик моето дете да оди физички на училиште. Децата се мали и носењето на маски е дискутабилно. Имаше едно вирално видео кое покажуваше на еден искарикиран начин како сето тоа ќе личи. Наставничките ќе треба повеќе да пазат на тоа кој грицка нокти или пак брца прст во нос отколку да работат со децата. И пак ќе прашам, кај е тука образованието? Не би сакала да се користи образованието на децата како параван за неможноста истите некој да ги чува додека се родителите на работа. Да се разбереме, едно е детето ќе остане неписмено , а друго е како тоа дете само ќе седи дома и ќе се снаоѓа со комјутерот. Има разлика голема. Децата се нашето најголемо богатство, а ние сме нивните чувари. Не можеме едни без други и мора внимателно да се размисли и смисли модел“.

На иста возраст како детето на Николова е и помалото дете на нашата трета соговорничка, Цеца Пајдакова која смета дека ученците треба да се вратат во училишните клупи според строги протоколи.

„Моите деца се на возраст од 14 и 17 години, основно и средно стручно образование. Сметам дека треба да се вратат во училишните клупи за подобро образование, но со строго утврдени протоколи и почитување на истите од страна на сите вработени во училиштата, професорите и децата.Треба да се намали бројот на часови и може да се направи и комбинирана настава. Но најголема одговорност треба да ја имаме ние како родители да не ги праќаме децата на училиште со најмал симптом на настинка. Средните стручни училишта имаат пракса која не може да се сработи на онлајн часови. А Физичкото како предмет е потребен за психофизичкиот развој на децата кои се сега во раст. Околу носењето на маски и јас сум за да носат бидејќи тоа се деца и колку и да се дисциплинирани тешко им оди држење дистанца, но секако доколку имаат помал број на часови, а не 7 часа да дишат под маски. Хигиената треба да биде во училиштата на многу повисоко ниво и да се користат средства за дезинфекција пред секој час и по завршувањето. Секако бројот на ученици мора да се намали од едно одделение бидејќи кај нас сите одделенија се од 28 до 34 деца“, истакнува таа во изјавата за ММС.

На родителите да им се даде право на избор, а наставата да не биде импровизација – се апелира до МОН

Додека се чека на надлежните да донесат конечна одлука, родителите во петициите што планираат да им ги достават, бараат да имаат можност на избор. Со ова, велат тие, ќе се намали бројот на ученици во училниците со што ќе има поголема можност за одржување дистанца, а за да не им се создаде товар на наставниците да ги предаваат истите лекции по два пати, може со соодветни договори да се вработи и нов кадар.

Начинот на кој ќе се одвива наставата деновиве ќе биде тема на дискусија и на средбата што МОН ја организира со Комисијата за заразни болести.

Заменик министерката Елизабета Наумовска во изјава за МИА минатиот петок изрази надеж дека новите протоколи ќе бидат усвоени од Владата до десетти месецов, а истиот ден Комисијата за зарази болести препорача градинките да отпочнат со работа. Сепак, конечната верзија на планот за одвивање на наставата во услови на пандемија допрва треба да и’ се презентира на јавноста.

Дел од просветните работници се пожалија дека никој од надлежните не ги консултирал за ништо, иако и меѓу нив има наставници со хронични болести за кои одењето на работа во училиштата би било ризично. Во меѓувреме и Првата детска амбасада во светот Меѓаши реши да го испита јавното мислење па објави прашалник наменет за родителите и старателите. Прашалникот е составен од 28 прашања, а сумираното од одговорите ќе биде објавено во текот на оваа недела.

Вања Мицевска

Фото: нет.хр/сител.цом.мк/ксинхуа/