ММС

Таа вечер не знаевме дека повеќе нема да се видиме – Браќата Нуне ќе ги издатат последните песни на кралицата Есма

Плановите само смртта може да ги прекине. Така се случи и со кралицата на ромската песна Есма Реџепова- Теодосиевска, која смртта ја спречи да го доснима последното цеде. Филип и Раде, попознати како „Браќата Нуне“ беа дел од нејзиниот тим, со нив ги работеше песните, кои тие одлучија по скоро четири години да ги објават, во спомен на кралицата. Песните се на српски јазик, бидејки како што велат тие, плановите биле да се направат и на македонски и на англиски јазик, но нејзината смрт ја остави работата незавршена.  Во чест на кралицата, на нејзиниот роденден на осми август ќе биде промовирана една песна, додека другата е планирана за 11 декември, денот кога престана да чука нејзиното срце. Ексклузивно за mms.mk Филип откри детали од последните професионални денови на кралицата Есма.

Како почна соработката со Есма?

-Нашата соработка беше сосем случајна. По препорака од пријател, а потоа ни се јавија да се сретнеме, средба која од тој момент па наваму нас не промени. Не промени во секој поглед на музиката, чувствата и гледањето на светот. Не натера да размислуваме за безброј теми што дотогаш со сигурност не сме ги ни помислувале, не промени во начинот на живот. Чуството дека сме дел од еден тим кој како мали деца сме го гледале на телевизија не може да се опише. Да стоиш и да правиш музика со човек што зад себе има голема историја беше голема задача за нас млади, но голем предизвик за нешто што се сака. Се сеќаваме на првата наша средба во куќата во која со генерации наназад се создавале дела и била инспирација за многу уметници. Средба во која за прв пат се запознаваш со легенда. Жива легенда! Емоциите, желбата за успех, љубовта, надежта и верата, честа за времето и спомените поминати заедно ќе останат во нас засекогаш.  Благодарение на неа, наша мајка Есма Реџепова.

Иако беше краток период на соработка, сепак беше исполнет со благодет на творење на музика, емоции и најглавното за нас оформување на нашата личност. Патувањата, настапите, разменувањата на искуства, сетоа тоа нас од ова временска преспектива ни преставува јасна визија што и како понатаму во нашата кариера. Со неа имавме чест и можност да го започнеме нашиот сон.  Во тој креативен период се дававме максимално  за создавање на музика заедно со Есма и нејзиниот тим. Започнавме и снимање на цеде за странска издавачка куќа, кое требаше да се состои од постари, но и нови хитови коиб ги имаше испеано Есма. Тоа требаше да звучи поинаку во стил кој ние како ,,Нуне Брадрс”  во дадена можност го вметнувавме во концертите а звучеше навистина добро!

Со оглед на тоа што овие песни се последните на Есма, како се снимаше цедето?

-Се подготвувавме, настапувавме, ширевме позитивна енергија. Како и не би ширеле таква енергија кога имавме таква шанса и цел!  Се сеќаваме на снимањата кој траеа долго и исцрпувачки, секој ден во тој период. Се снимаше песна по песна… Кога дојде редот на Есма таа најпрофесионално и во свој стил и емоции, која таа ги ширеше, си ја заврши својата работа беспрекорно. Веќе две песни беа подготвени! Се договаравме за снимамање на останатите во идните недели и кога таа ќе биде подготвена. Така,еден ден одејќи си од студио постојано разговаравме. Се уште не ни е верно колку беше исполнета и задоволна од тоа што работиме! Сакаше да пее и настапува и што поскоро да го доснимаме останатиот материјал! Се поздравивме и си рековме дека се ќе биде! Но, таа вечер  не знаевме дека тоа е тоа. Дека животот е брз и непредвидлив и дека секој момент и ден е можеби последен! Но, Есма живееше така.  Живееше со љубов и ширеше позитивна енергија до последниот ден. Сигурни сме дека сите што ја познавале и биле во нејзина близина ја почуствувале таа енергија… Две недели од нашата разделба кај студиото не разбуди утро кое беше веќе поинакво.

Ја немаше Есма. Немаше дел од нас… Не напушти оставајки не да се сеќаваме на нејзината насмевка и збогување за последен пат. Иако свесни и предходно за нејзината здравствена состојба ние бевме уверени дека пред нас се концертите и настапите што ги подготвувавме, но таа свесно ги покривала проблемите со нејзиното здравје! А имаше љубов кон сите нас, кон музиката! Љубов за сите! Можеби веќе ја нема Есма меѓу нас физички, но нејзината љубов сеуште постои и ќе постои! Не научи исто како Тоше на уште една лекција сите нас дека љубовта е таа што останува. Таа знаеше дека легендите никогаш не умираат  и тие остануваат со своите дела. Таква беше и Есма која ние како народ треба да ја чуваме. Да го чуваме нејзиното дело. А нејзиното најголемо дело е-љубовта преку песната, љубовта кон луѓето и хуманоста. Благодарни сме на менаџерскиот тим Весна и Симеон  кој ни укажаа честа да бидеме дел од приказната на Есма..

Што создржи новото цеде кое го подготвувате?

Токму на ден кога таа се родила а тоа е осми август одлучивме по речиси четири години на јавноста да презентираме дел од она што требаше да биде албум. Тоа се воедно и нејзините две последни песни отпеани заедно со нас, две недели пред да почине. Како што рековме самиот албум беше во подготовка со странска издавачка куќа и требаше да се состои од најголемите хитови на Есма. Последните две песни се отпеаани на српски јазик, бидејки смртта ја спречи да ги отпее на македонски и англиски. Едната ќе биде објавена на осми август, денот на нејзиното раѓање, а другата на 11  декември, денот кога таа физички не напушти..

Првата песна што ќе биде објавена на осми август е под наслов ,,Латино у моди” чија музика е лично на Есма од нејзиниот голем хит ,,А бре како’’, текстот го напиша Симеон Атанасов, а ние се  погриживме за самиот аражман. Видео записот го направивме кратко по нејзината смрт и е снимен во македонскиот народен театар. Задолжен за видео е Дарио Јанковиќ а постмонтажа и визуелни ефекти Дуле Јанев. За аудиото продукциски беше задолжен Горан Гешовски. Одлуката зошто го објавуваме токму сега овој материјал пред се е обележување на роденденот на Есма, денот кога нашата легенда е родена, но и никогаш нема да замине! Да се објави така големо дело за нас требаше време да созрее и да сватиме што сме направиле. Се надеваме искрено дека ќе им се допадне на сите слушатели и гледачи а веруваме дека и Есма би била среќна со тоа…  Во оваа година покрај песните со Есма ќе објавуваме нови дела од нас и нашиот тим кој непрекинато во изминативе години ги работиме.  „ Да се сакаме и шириме љубов“, тоа беа зборовите на Есма. Тоа кралицата нам ни го всади и такви се и нашите зборови, бидејќи во овие тешки деновие сите сваќаме колку е голема љубовта на еден кон друг.  Затоа ќе речам-да шириме љубов, бидејќи таа вечно живее…