ММС

Илинденско послание на г.г. Стефан и Синодот на МПЦ-ОА

Возљубени празникољупци,

Светиот пророк Илија е значајна старозаветна личност. Иако не напишал ништо, тој самиот, со својот живот, и поучувал и порачал многу, прославувајќи се со чуда и со неспоредлива слава2. Тоа се гледа од начинот на кој живеел и делувал, како и во тоа како заминал од овој свет3. И тој не е присутен само во Стариот, туку го сретнуваме и во Новиот Завет.

Бог, правејќи секогаш сѐ за да им помогне на луѓето, а истовремено почитувајќи ја слободата на секого, во старозаветниот период ги испраќал пророците како посредници,

кои народот го учеле и го утврдувале на вистинската вера. Така и светиот пророк Илија, воден од големата љубов кон Бога и кон народот, со силни зборови и дела укорувал за отпадништво од верата, но и упатувал кон вистинската цел на животот.

Во Новиот Завет, пак, славниот пророк се јавува и разговара со Господ Исус Христос при Неговото преображение на гората Тавор4. Светиот апостол Јаков ја пофалува праведноста и молитвеноста на пророкот Илија5, а според сведош­твото на евангелистот Матеј, него ќе го видиме и пред Второто Христово доаѓање, кога ќе дојде претходно и ќе уреди сѐ6.

Возљубени во Господа,

Целокупната дејност на старозаветните пророци е насочена кон доаѓањето на Богочовекот Исус Христос – ветениот Месија, Ослободителот од гревот и од смртта. Човекот е вистински слободен само кога живее во заедница со Бога. Живеејќи во таа слобода, тој несебично им дарува љубов на ближните, секогаш подготвен да се жртвува за нив. А кога човекот е надвор од заедницата со Бога, тогаш почнува да им служи и да им се поклонува на разни идоли и на лажни богови. Доколку на некого или на нешто ја полагаме нашата надеж и од таму очекуваме спасение, тогаш стануваме заробеници на овоземното, заборавајќи дека единствено Господ Христос ни ја дарува вистинската слобода. Затоа, на секоја Литургија Му се обраќаме на Господа, велејќи: „Тебе Ти ги доверуваме сиот наш живот и надеж”7. А преподобниот Максим Исповедник нѐ советува: „Секој човек треба да го љубиме од сета наша душа, а надежта да ја полагаме само во Бога и само Нему да Му служиме со сета наша сила”8. За Божјите дарови треба да сме благодарни

и да ги употребуваме согласно нивната намена и цел, а не да ги претвораме во божества од кои очекуваме помош и спасение. Имајќи жива заедница со живиот Господ, ние ја спознаваме смислата на сѐ што постои, па, исполнети со вистинска радост, ги живееме секој ден и секој миг што Бог ни ги дарува.

Возљубени потомци на паднатите борци за Македонија,

Секој народ, во својот историски пат, минува низ тешки периоди, во кои покажува подготвеност да се избори и да преживее. Искушенијата се случуваат за да нѐ поттикнат кон покајание, но и за да се истакне духовната сила и на поединците и на народите. Бог има промислителна улога во историското движење на секој народ. Тој на сите луѓе им ги утврдил времињата и границите на нивните живеалишта, и на сите им останал близок9. Тоа значи дека ниту еден народ не е оставен надвор од Божјиот домострој, од Неговата грижа. Затоа имаме голема одговорност, живеејќи богоугодно, да го чуваме дарот на слободата, што ни е даден секому одделно, но и на сите како народ заедно.

Нашиот македонски народ, уште од апостолско време, ја примил евангелската проповед10. Низ вековите минувал низ разни искушенија, преку кои ја потврдувал својата вера. Во тешките времиња на ропствата, меѓу нашите предци, особено се истакнувале оние коишто биле духовно силни и предводеле во борбата за слобода. Затоа, за да се биде предводник на народот и борец за слобода, неопходно е да се надмине секој страв, преку утврденост во верата, надежта и љубовта. А, Светото Евангелие поучува дека во љубовта страв нема, туку совршената љубов го изгонува стравот11. Патот кон стекнување на љубовта е исполнет со разни пречки, со тешкотии и со себеодрекувања.

Но, со помош на Божјата благодат, тие искушенија се надминуваат, па жртвата за ближните веќе не претставува тешкотија, туку радост.

Возљубени чеда на славните илинденци,

Не е случајно што нашите претшественици го избрале за закрилник токму светиот пророк Илија. Неговата ревносна борба, втемелена во саможртвената љубов, претставувала поттик и поткрепа и за нашите предци. Тоа покажува колкава била нивната духовна свест за смислата на борбата за слобода, борба која е невозможно да се води без подготвеност на жртва за ближните. Издигнати над секаков страв, водени од Божјата љубов и, следејќи го примерот на славниот пророк Илија, непоштедно се труделе со сите сили, за да им овозможат на идните генерации вистински слободен живот.

Така, големиот пророк Илија ни станал пок­ровител на духовната и на националната слобода. Започнатата борба на Илинден – 1903-та, ги раѓа созреаните плодови на Илинден – 1944-та година. Затоа треба да бидеме особено будни да не си дозволиме потклекнување пред современите искушенија и да не го изгубиме она што нашите предци, со огромни напори и големи жртви, го стекнале и ни го оставиле во аманет. Впрочем, самиот факт што во петвековното иноверно ропство нашиот народ, по секоја цена, ја сочувал православната вера, е доволен показател за духовната сила и за идеалите за кои се борел и се жртвувал.

Еве, и во оваа 2020-та година, македонскиот народ, како и целото човештво, е во едно ново искушение – во ново востание, предизвикано од заразната пандемија. Но, поучени од искуството на нашите предци од претходните востанија, и со Божја помош и поткрепа, се надеваме дека и овојпат ќе извојуваме победа.

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Во многувековната историја на македонскиот народ, манастирите одиграле клучна улога во изградбата и во надградбата на нашата духов­ност. Еден од најголемите наши вековни, но и современи духовни расадници е Бигорскиот манастир. Оваа година ќе го одбележиме неговото 1000-годишно постоење и духовно делување на македонската земја.

Честитајќи им го Илинден на сите Македонци, во Татковината и насекаде по светот, порачуваме да не се заборави, во ниту една македонска генерација, делото на сите наши борци и јунаци, комити и војводи, партизани и бранители. Аманет­от што ни го оставија – да ги чуваме слободата и самобитноста, нека ни биде постојана заповед и порака!

Нека им е вечен споменот на сите коишто се бореа и паднаа за слободата и за независноста на Македонија!

Дај Боже, да постои и да опстои слободна Македонија и сѐ што е македонско! Амин!

Честит Илинден!

† СТЕФАН

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

заедно со членовите на Светиот архијерејски синод

на Македонската Православна Црква

– Охридска Архиепископија

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и

администратор Австралиско-новозеландски

† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски и

администратор Австралиско-сиднејски

† НАУМ, Митрополит Струмички

† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски

† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски

† ПИМЕН, Митрополит Европски

† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички

† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско-гостиварски

† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско-осоговски

Илинден, 2020-то лето Господово