ММС

Тимовите од западен Лондон во борба за Премиер Лигата на „Вембли“

Најскапиот меч во фудбалскиот свет, оваа година ќе го изиграат екипите на Брентфорд и Фулам. Малите лондонски колективи од западниот дел на главниот град на престолнината, во финалето на плеј-офот во Чемпионшип кое ќе се одигра во вторник на „Вембли“, ќе се обидат да се вратат во елитата и да заработат повеќе од 100 милиони англиски фунти.

За Фулам тоа би било експресно враќање, по минатосезонското испаѓање во втората по квалитет англиска лига, додека пак за Брентфорд тоа ќе биде прво враќање во Премиер Лигата после 1947 година.

Победата од 0:2 во првиот меч против Кардиф во полуфиналето на плеј-офот, беше доволна за екипата на Скот Паркер за пласман во финалето и покрај поразот на „Кревин Котиџ“ од 1:2.

Велшаните одлично го искористија прекинот по кој централниот дефанзивец Нелсон го отвори рано резултатот, но радоста за гостите не траеше долго, бидејќи Конгоанецот, Нескенс Кебано, една минута подоцна го израмни резултатот и го врати Кардиф на почетната позиција.

Недоволно залечениот фудбалер на Кардиф, Ли Томлин, влезе од клупата да му помогне на својот тим во второто полувреме и инстантно постигна погодок, враќајќи го поранешниот премиерлигаш во позиција во која му е потребен уште еден гол за да натпреварот оди во продолженија. Сепак, десеткуваните домаќини без Александар Митровиќ и Нескенс Кебано во вториот дел, оддолеваа на нападите и си резервираа билет за во финалето на „Вембли“.

Ден претходно, „пчелите“ го совладаа другиот велшки претставник во Чемпионшип, екипата на Свонси, со 3:1 и го надокнадија недостатокот од еден гол од првиот натпревар на „Стадионот на светлината“. Таму Брентфорд остана со играч помалку на средината на второто полувреме, контроверзен потег кој на еден начин претставуваше и мотив повеќе за играта која ја прикажаа во средата. Андре Ају на тој дуел промаши удар од белата точка и постигна одличен гол за минимална предност пред реваншот.

Офанзивно ориентираната и исклучително талентираната екипа на Томас Франк, фуриозно започна на „Грифин Парк“. Оли Воткинс во 11-та минута и Емилијано Маркондес во 15-тата, по асистенцијата на брилијантниот Алжирец, Саид Бенрахма, му донесоа водство на Брентфорд и резултат што му носи директен дуел со подобриот од Фулам и Кардиф во тој момент.

Десното крило Брајан Мбеумо на стартот на вторите 45 минути го зголеми водството на 3:0 и со тој гол го оконча пласманот. Во 78 минута позајмениот млад напаѓач од Ливерпул, Рајан Брустер, им даде надеж на Велшаните дека можат до нешто повеќе, но на крајот резултатот на семафорот остана 3:1.

За разлика од Фулам кој во текот на целата сезона гравитираше околу местата кои водат во плеј-оф, Брентфорд сезоната ја одигра на поприлично високо ниво, ако ги изземеме последните неколку кола кои и всушност беа причина за пропуштањето на директниот пласман на Брентфорд во Премиер Лигата. Судбината на „пчелите“ беше во нивни раце, потребно беше само да го победат Барнсли на домашен терен во последниот меч во регуларниот дел од сезоната и да се надеваат на било каков кикс на ВБА. ВБА на Славен Билиќ киксна со КПР, ама Барнсли на „Грифин Парк“ оствари победа и опстанок.

Брентфорд и Фулам ќе ги вкрстат копјата на 4 август од 20:45. Влогот е огромен, финансискиот надомест од победата во финалето и можноста да се заигра повторно во најквалитетното клупско фудбалско натпреварување, претставуваат дополнителен притисок, но и стимул за двете мали екипи од западен Лондон. Скот Паркер или Томас Франк, Саид Бенрахма или Нескенс Кебано, Александар Митровиќ или Оли Воткинс, останува да видиме.