ММС

Премиера на „Врба“ на најголемиот интернационален фестивал во Романија- Трансилванија

Вечерва „Врба” на Манчевски ќе ја има романската премиера на најстариот и најголемиот романски интернационален фестивал – Трансилванија во Клуж-Напока. Ова е еден од првите фестивали во светот кој ќе се одржи во услови на пандемија – филмовите ќе се прикажат пред публика на отворени простори.

Филмот  предизвика крик кај секое женско битие преку приказната за три жени во различни временски периоди, со една единствена желба- да се остварат како мајки и да го заштитат чедото. „Врба “ забележа голем успех на претходните фестивалски прикажувања. Светската критика го нарече „убав, поетичен, филм кој те предизвикува на размислување”, „возбудлив и потресен портрет, лесен како лист од врба, но длабок колку нејзините корени”,„враќање на Манчевски, мајсторот на филмот”, „три приказни, мајсторски поврзани”.

Кинеската премиера на филмот ќе се случи во август на фестивалот во Пекинг. „Врба” ќе биде прикажан во престижната официјална програма за награди.

„Врба” го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше забележан со исклучително позитивни критики. По македонската премиера, филмот играше в кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. „Врба” беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Сараево, Софија, и други.

„Врба” ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.

Инаку, во престижната програма „Под ѕвездите” на интернационалниот филмски фестивал во Нанси, Франција, во август ќе се прикаже и претпоследниот филм на Манчевски, „Бикини Мун”. „Биkину Мун” е американско, канадско-германска копродукција во која главната улога ја игра Кондола Рашад, а Манчевски го сними во 2017.