ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/26/20 4:10 PM

Коњицата од Гостивар тргна на единаесеттиот марш кон Крушево

Десетчлена група коњаници, членови на здружението „Бигорски Манастир – Патот на црешовото топче” попладнево тргнаа кон Крушево во чест на националниот и државен празник Илинден и манифестацијата „Десет дена Крушевска Република”. На гостиварскиот плоштад групата беше пречекана и испратена од стотина граѓани.

Коњаниците, предводени од новоизбраната пратеничка Рашела Мизрахи на коњи и комитска облека продефилираа низ Гостивар и застанаа на благослов во соборната црква „Света Богородица” во Гостивар. Групата потоа се упати кон манастирот „Св. Јован Бигорски”. Таму, од наутро по литургијата, коњаниците свечено ќе положат заклетва и со благослов на игуменот Партениј, ќе го продолжат маршот кон Крушево.

Годинава, покрај повозрасните коњаници Јован, Владо, Гоце, Рашела, Иван, Адам, Христијан Александар, Роберт од Куманово, Сопотница, Гостивар и Скопје им се придржи и десетгодишниот Петар Мазароски од Крушево кој рече дека е подготвен да оди до самиот крај на патувањето.

Коњицата по единаесетти пат ќе помине по рутата долга околу 200 километри, поточно патот по кој било пренесено првото црешово топче како поддршка на востаниците. Според програмата на организаторите, групата коњаници на 2 август ќе учествуваат на прославата 10 дена Крушевска Република.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7