ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/21/18 9:05 AM

Иванов не може да го спречи договорот со Грција

Иванов има право еднаш да не го потпише указот за законот. Но, ако не го потпише и по второ изгласување, тој треба да се објави само со потпис на претседателот на Собранието, а Иванов да одговара, велат правни експерти

Тече уставниот рок од седум дена во кои претседателот Ѓорге Иванов треба да го потпише указот за прогласување на законот за ратификување на договорот со Грција, кој вчера доби поддршка од 69 пратеници, за да може да биде објавен во „Службен весник“ и официјално да стапи на сила. Со потпис на претседателот на Собранието, Талат Џафери, законот вчера беше испратен на потпис кај претседателот на државата.

Доколку Иванов реши да не стави потпис, како што најави во повеќе наврати, односно да го искористи правото на суспензивно вето, за тоа треба да го извести Собранието. Тогаш законот се враќа на повторно разгледување во парламентот, и доколку повторно биде усвоен со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, Иванов „е должен“ да го потпише. Ваквата негова обврска произлегува од членот 75 од Уставот.

„Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот“, се вели во членот 75.

Ваквата постапка е пропишана и во Законот за Собрание, и Деловникот.

„Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот“, се вели во членот 38 од Законот за Собрание, како и во членот 173 од Деловникот на Собранието.

Веќе видено

Но, случајот со Законот за употреба на јазиците покажа дека Иванов веќе постапи спротивно на Уставот и не стави потпис на законот ни по неговото второ изгласување. Тоа навестува дека слична „судбина“ би можела да го снајде и законот за ратификување на договорот со Грција. Повеќе правни експерти со кои разговараше ДВ, потенцираат дека Уставот е јасен, и дека законот не смее да биде заложник на несанкционираниот волунтаризам на претседателот. Според нив, Иванов има право еднаш да не го потпише указот за законот. Но, ако не го потпише и по второто изгласување, немаат дилема како треба да се постапи.

„Во таков случај, Собранието треба да го испрати законот за објавување во ‘Службен весник’ само со потпис на претседателот на Собранието. Бидејќи уставната обврска и процедура е испочитувана од сите, освен од претседателот, законот треба да биде објавен со објаснување, во која ќе биде нотирано дека претседателот на државата постапил спротивно на уставната обврска од член 75 и не го потпишал указот на законот по неговото повторно изгласување. ‘Службен весник’ има обврска да го објави законот со вакво објаснување, а отсуството на потпис од претседателот ќе биде основа за негова кривична одговорност“, велат нашите соговорници.

Дел сметаат дека ваквиот чин треба да биде поткрепен и со мислење/укажување на Уставниот суд, кој ќе го „потсети“ претседателот на неговата уставна обврска.

Во таа насока беа и дел од сугестиите на коизвестувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кои ќе достават извештај од посетата на Македонија до ПССЕ. Пратеникот Валериј Гилетчи го оцени договорот со Грција како историски, и чин кој ќе овозоможи стабилност на регионот. Потенцира дека претседателот на државата не треба да ја блокира работата на парламентот, и објасни дека неговата држава Молдавија исто така се соочила со сличен проблем кој бил разрешен од Уставниот суд. Гилетчи потврди дека на таа тема разговарал со уставните судии во Македонија.

Храбарост и лидерство

Ратификувањето на договорот со Грција во македонскиот парламент вчера беше поздравено од политичари во регионот и Европа.

„Ова е првиот од многуте чекори кон целосна имплементација. Верувам дека политичките лидери ќе покажат лидерство и сила за следните чекори“, напиша еврокомесарот Јоханес Хан на „Твитер“.

Бугарскиот претседател ратификацијата ја оцени како „храбар чекор кој претставува пресврт“.

„Следните денови се клучни не само за Македонија, туку и за Западен Балкан. Ги повикувам сите пријатели од ЕУ да учествуваат во напорите со цел постабилна и побезбедна Европа“, порача Борисов.

И во бугарската опозиција договорот наиде на огромна поддршка.

„Се работи за значаен договор, за стабилноста на регионот, за самата држава за нејзината државност“, изјави Љубомир Ќучуков, директор на Институтот за економија и меѓународни односи, и поранешен заменик-министер за надворешни работи на Бугарија во кабинетот на Станишев. Според него, нема основа да се дозволат „алтернативи“ за враќање на ситуацијата пред 17 јуни, т.е. пред потпишување на договорот, бидејќи тие бараат друго решение од она што веќе е постигнато, а тоа води единствено кон нова деценија на проблеми беа решение.

Воздржана „поддршка“ стигна единствено од Србија.

„Не честитавме, бидејќи немаме што да честитаме. Имаме позитивно мислење и поддржуваме секаков договор со кој се договара работите да се решат по мирен пат“, изјави српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, запрашан дали Србија ѝ честитала на Македонија.

Тој потенцира дека „договорот меѓу Атина и Скопје е билатерално прашање и дека сите чекаат крај на процесот“, алаудирајќи дека тој сѐ уште не е завршен за да има честитки.

Извор: DW


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1