ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/23/20 7:57 AM

Почна 50. републички фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови”, годинава во ковис-услови

Со изложба на фотографии „За живот на традицијата – 50 години ЦИОФФ”, синоќа во Битола почна 50. јубилјено издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови”.

Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Битола Наташа Петровска, која истакна дека годинешното издание се одржува со измешани емоции, мечтаење за звуците на Широк Сокак, но и гордост на градот кој слави 50 години од првото издание на Фестивалот „Илинденски денови”.

-Околностите во кои се одржува Фестивалот се предизвикани од пандемијата, но јас сум длабоко убедена дека сите кои досега биле во Битола, што слушнале за фестивалот Битола, сите оние кои од сè срце го сакаат фестивалот, со нетрпение го очекуваат следното видување на следното издание. Искрено ги поздравувам сите со желба наскоро повторно да се сретнеме на фестивалската сцена, да ја продолжиме традицијата и да ги негуваме вредностите на фестивалот „Илинденски денови”, посочи Петровска.

Фестивалската програма ќе се реализира до 30 јули и, според организаторот и домаќин на фестивалот – НУ Центар за култура-Битола, за време на фестивалските денови ќе бидат понудени креативни содржини организирани со максимално почитување на мерките за заштита од Ковид-19.

-Направивме сè за фестивалот да се одржи затоа што плејада битолчани стојат зад овој Фестивал. почнувајќи од основачите Гога Николовски, Кирил Танчевски, Илија Алушевски, Мито Пејовски и многу, многу други кои се втемелиле во овој најстар и и со најголема традиција фестивал во овој град. Битола долги години беше голема фестивалска сцена, но, за жал, оваа година ќе мора да се соочиме со новиот предизвик и со верба дека следната година, сите здрави и живи ќе ги пречакаме гостите од државата и странство на Фестивалот „Илинденски денови”, истакна директорката на НУ Центар за култура-Битола, Маја Андоновска Илијевски.

Додаде дека интернационалниот карактер на фестивалот е зајакнат со членувањето во Светската организација на фолклорните фестивали ЦИОФФ и затоа годинава, рече таа, фестивалот почнува со изложба на фотографии „За живот на традицијата – 50 години ЦИОФФ”.

На јубилејното издание на „Илинденски денови” претпладнево ќе се одржи онлајн детска ликовна работилница на тема „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво”.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7