ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/20/18 1:14 PM

Едукативен планинарски камп на Осоговските планини

Вкупно 120 ученици од основните и средните училишта во Македонија учествуваат на тридневниот едукативен планинарски камп „Пониква 2018“ што од денеска започна на Осоговските планини.

Организатор и домаќин на кампот е планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани, а активноста се реализира со поддршка од Младинската комисија при Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и од Агенцијата за млади и спорт.

За младите учесници на кампот се грижат десетина врвни и искусни планинари, кои преку теоретска и практична обука ќе ги едуцираат за убавините и опасностите при престој во планина.

– Ваков планинарски камп за првпат се одржува во источниот регион на државата, а главниот мотив е низ дружење и едукација да го омасовуваме планинарството меѓу најмладите. Исто така, кампот има еколошка цел за подигање на свеста кај децата за зачувување на природата, рече Тошо Антов, претседател на ПСК „Осогово“.

За тридневната обука е подготвена соодветна програма преку која ќе се изучува ориентација, маркирање, пружање прва помош, метеорологија и преживување во планина. Освен тоа, учесниците ќе се едуцираат за палење оган со прирачни средства, врзување јазли, потребна облека и обувки во зависност од временските услови на планина, а ќе имаат и стручни предавања за флората и фауната во Македонија.

Извор: МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1