ММС

ЖИВОТ НА ЈАЖЕ – Зоран Мајсторски, алпинист: Адреналинот е сличен и кога си на карпа или врв и кога работиш на солитер или фабрички оџак

Радовишанецот Мајсторски е планинар е од својата 12. година, алпинист од 1993, се искачил на највисоките европски врвови, а во последните неколку години и егзистенцијата ја обезбедува од висинска работа – на солитери, високи фабрички оџаци, круни на брани, силоси, во Македонија, но и во Србија, Бугарија, Косово, Црна Гора

Пишува: Љупчо Шатевски

Живот на јаже. Така најкратко може да се опише животот на Зоран Мајсторски, истакнат македонски алпинист. Јажето и алпинизмот му се хоби, а во последните неколку години на некој начин и животна егзистенција на овој 44-годишен радовишанец. Изведува работи на солитери, на високи фабрички оџаци и друга висинска работа во Македонија и во соседните земји, од што го „вади лебот“ за себе и за семејството, во кое се и сопругата и двата сина.

– Навистина, јажето е нераскинлив дел од мојот живот. И кога се качувам на планински врвови, на карпи и кога работам на солитерите или оџаците. Ништо без јажето. Ако неколку дена не сум имал активности, одам во потпокривот на семејната куќа во кој имам и карпа за качување и по неколку часа висам на јажето. Дваесет години работев како снимател во локални и регионални телевизии. Сега комплетно му се посветив на јажето. И како алпинист и како професија – раскажува Мајсторски, кој во Радовиш завршил основно образование и гимназија, а и денес живее во родниот град.

Бил на Мон Блан, Матерхорн и на други врвови, нереализиран предизвик му е Ајгер

Почнал како планинар во радовишкиот планинарски клуб „Бел Камен“ на само 12-годишна возраст. Со планинарството и спортската ориентација, во кои освоил и повеќе награди на државно ниво во различни возрасни категории, останал до 1993 година, кога почнува со алпинизмот. Во последната деценија во повеќе наврати е добитник на годишната награда за алпинизам „Јован Ангелов Циго“ на Македонската алпинистичка федерација. Во 2006 година го формира Алпинистичкиот клуб „Плоча“ од Радовиш, во кој и денес е претседател и, како инструктор по алпинизам, главен тренер. Клубот лани го доби Шестоноемвриското признание на Радовиш, а лично Зоран тоа признание го има добиено во 2012 година.

Во долгогодишниот алпинистички стаж, Мајсторски се има искачено на многу познати и опасни европски врвови, а посебен предизвик му биле тие на Алпите.

На Грос Глокнер, Австрија

– Повеќепати сум бил на словенечките Алпи, на Триглав и на други врвови. Тие се одлични планини за алпинисти, а и експедициите чинат поевтино, што е особено важно за алпинисти од посиромашни земји. Сме биле и на Мон Блан, Матерхорн… Неискачен ми остана Ајгер во Швајцарија, врв што досега го нема искачено никој од Македонија. Бевме, но се погоди невреме. Не се откажувам, ќе одиме пак. На Хималаите не сме биле. Една експедиција на Монт Еверест, на пример, чини околу 60.000 евра, а ние, со исклучок на последните година-две, кога нешто помага рудникот „Бучим“, се’ си плаќаме од џеб, па таков луксуз не можеме да си дозволиме. А и тие врвови стануваат се’ повеќе комерцијални, туристички, со водичи, а тоа не ни’ е предизвик – вели Мајсторски.

На Џамџиев Раб, Пирин

„Од врвот гледаш од птичја перспектива се’ како на дланка“

Нагласува дека е големо задоволството за секој алпинист кога ги искачува врвовите, кога под него гледа од птичја перспектива се’ како на дланка.

На замрзнатите водопади на Патишка Река (лево) и кај Серес (десно)

– Тоа е посебно чувство. На пример, само колку ноќи имаме преспиено на карпи на Алпите. Одвај ќе се собереме на некоја тесна карпа-полица, ќе се стуткаме. А, сантиметри те делат од бездна длабока повеќе стотици метри. Тоа се незаборавни доживувања, кои секој вистински алпинист сака што почесто да ги доживува – истакнува Зоран.

На бојосување и сигнално обележување високи фабрички оџаци

Големото хоби денес на некој начин му е и професија. Задоволен е од работата на солитери, на високи фабрички оџаци, круни на брани, силоси… Најчесто работи на згради во Скопје, некогаш и во други градови во Македонија, а понекогаш и на солитери и на фабрички оџаци во Србија, Косово, Црна Гора и во Бугарија. Се качува со јажето по објекти високи и по повеќе од сто метри, како, на пример, кулите на Џевахир во Скопје, оџаци во Велес, Струмица, на „Фени“ во Кавадарци, на „Окта“ и на „Цементарница“ во Скопје…

Интервенција на „Соравија“ во Скопје (лево) и монтажа на реклама на зграда во Тетово (десно)

– Со таква висинска работа во Македонија се занимаваме дваесетина луѓе, од кои помал дел сме алпинисти. Четворица сме од Радовиш. Го работиме она што не може механизацијата. Поставуваме билборди и рефлектори на згради, чистиме прозори и други стаклени површини, бојосуваме и сигнално обележуваме високи фабрички  оџаци, работиме и на круни на брани на хидроакумулации, на силоси… И овде се’ е поврзано со јажето – раскажува Мајсторски.

Висинската работа е ризична, но има доверба во јажето

Додава дека понекогаш се работи и кога има ветер, на дожд или на снег. Бидејќи тоа е и ризична работа, го прашуваме дали некогаш се нашол во животнозагрозувачка состојба, дали некогаш јажето го изневерило?

– Секогаш добро се подготвувам, па ризикот е сведен на минимум. Сепак, има непредвидливи ситуации. Една таква ретка ми се случи оваа пролет, кога работев на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица. Поради триење на остар раб, ми се скина главното јаже. Останав да висам на помошното јаже и полека се симнав на земја – се присетува Зоран.

Го прашуваме и кога е повисок адреналинот – кога се качува по карпи и планински врвови или по солитери и високи оџаци?

– Па, адреналинот е сличен во сите овие случаи. Сепак, планинските врвови и карпите имаат посебно место – истакнува Зоран.

Второто негово хоби е фотографијата, особено уметничката. Вели оти е штета да се оди на толку убави планини и места во Македонија и во Европа, а од тоа да не се направат убави фотографии.

Во алпинизмот веќе има и наследници, неговите двајца синови Александар и Матеј, а посебно активен е помалиот Матеј (12), кој веќе има повеќе признанија на државно ниво во неговата возрасна категорија.

Семејно искачување на Мусала, највисокиот врв на Балканот: Зоран со сопругата и синовите

ПЛОЧА – АТРАКТИВЕН АЛПИНИСТИЧКИ ЛОКАЛИТЕТ СО ПРВ АЛПИНИСТИЧКИ ДОМ

Радовишкиот алпинистички клуб „Плоча“ го има атрактивниот алпинистички локалитет Плоча, кој е покрај патот Радовиш – Штип кај месноста Пилав Тепе.

Мајсторски на искачување на Плоча на полна месечина

– Во 2009 година со грант од Германското друштво за техничка соработка локалитетот делумно го опремивме, потоа  продолживме самите, а во одржувањето имаме скромна помош од 40-50 илјади денари годишно од радовишката локална самоуправа. Овде е и првиот алпинистички дом во Македонија. Локалитетот е одличен за школски алинизам. Се одржуваат тренинг-кампови за алпинисти од Македонија, Бугарија, Грција, од земјите на некогашна СФРЈ. Редовно двапати годишно, еднаш пролетно, еднаш есенски, по повод 6 ноември, Денот на ослободувањето на Радовиш, на Плоча организираме собири на алпинисти од Македонија и од балканските земји – вели Зоран Мајсторски.

На Плоча со синот Матеј