ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/19/18 12:31 PM

Органското производство може да стане профитален бизнис

Органското производство се уште е недоволно познато за земјоделците а нуди сериозни услови за добар агробизнис, вака зборува Драги Манев од Паликура, Кавадаречко, кој скоро пет години одгледува земјоделски култури на база на органско производство. Во неговите домати, пиперки и други градинарски култури, нема пестициди а вели дека за жал кај нас органското малку се цени и нема пласман.

Паролата за Манев е да се биде упорен за да се успее а за квалитетот на неговите производи говорат бројните сертификати добиени од стручни асоцијации кај нас.

Дека недоволен е интересот за органско производство кај тиквешките земјоделци, зборуваше и неодамна во Кавадарци, Горан Ангеловски, извршен директор на Федерацијата на органски производители. Според него има одреден број на производители но не доволно со оглед на тоа што се може да понуди овој регион.

– Тиквешијата е интересна не само за лозарството, туку и за други земјоделски култури. Има и туристички капацитети кои можат да се комбинираат со органското производство, сметам дека треба да се работи малку повеќе на тоа поле, со поддршка од општината. Се чека од Министерството какви субвенции ќе се даде,треба да се биде активен и регионално, рече тој.

Бројот на органски производители кај нас се зголемува но сеуште бавно, за сметка на тоа пак бројот на баратели на оваа храна се зголемува, велат стручњаците. За дополнително стимулирање на органското производство,државата финансиската поддршка за оваа година ја зголеми од 61 на 81 милион денари а за 100 отсто се зголемени и субвенциите за земјоделците кои произведуваат органски во однос на оние за конвенционално производство.

Билјана Тошевски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1