ММС

Господ ме чувал- Сообраќајна незгода меѓу маестро Алачки и зурлаџијата Дестановски

Пред неколку часа на паркинг во Момин Поток, крај Скопје, се случи несекојдневна сообраќајна незгода во која за среќа е причинета само материјална штета. Незгодата е малку необична, во неа учествувале двајца пријатели- маестро Горан Алачки и зурлаџијата Џемо Дестановски, татко на познатиот зурлаџија Џељо Дестановски.  Алачки за mms.mk рече дека  го паркирал поршето  на паркинг и стоел покрај него, кога со голема брзина во рикверц во автомобилот се забило комби, кое го возел Дестановски. Ударот бил толку силен, што поршето, инаку олтајмер, многу се оштетило, па Горан повикал влечна служба за да го однесе во сервис.

-Господ ме чувал. За среќа бев излезен од автомобилот, не знам што ќе се случеше да бев внатре. Не можам да објаснам како се се случи во секунда.  Кога излезе возачот од комбито, кога се видовме со Џемо не се опишува. Пак ќе кажам, среќа во несреќа што бев излезен од автомобилот, кој од силниот удар се блокира па едвај  на сервис ја отворивме вратата да си ја земам хармониката, се плашев да не е оштетена, вели Горан за mms.mk и додаде:

„Поршето ми е омилено, многу го сакам, го средувам со душа,  а за хармониката да не зборувам, се подразбира.   Дојдов  денес во Скопје да го регистрирам и да завршам некои обврски околу градењето. Нормално, Џемо не сакал да биде така, тоа е само мало невнимание, пријатели сме со неговото семејство, музичари, особено со син му Џељо, тие се познато семејство зурлаџии од нашиот крај, од Малешевијата. Ми свиреле на семинари. Ама кога излезе, кога се видовме. Му реков да си жив и здрав се случува. Нека удри на материјалното, да нема жртви, луѓето да се живи и здрави, тоа е најважно“, вели Горан.

Неговото место за живеење во моментов е Малешевија каде гради хотел и музеј, но и покрај тоа не престанува со музичките активности.

-Пред неколку дена со  Ленче и Горан Кукиќ ја снимивме химна за село Владимирово, а сега ќе ја снимаме и химната за Дебрца,  зелена песна посветена  на најубавите чисти еколошки средини во Македонија, рече Алачки.

А после се како помина денов, тој вели дека, вечерва ќе ужива во еден, за него, многу убав датум.

 

-Јас и Марина денес правиме пет години откако сме заедно и планот ни беше да прославиме.Но, по овој тежок ден и по тоа што се случи, што сме живи и здрави, секако дека ќе славиме.  Ќе прославиме и тоа во име на љубов и на здравје,рече Горан за mms.mk.

Весна Миленковска