ММС

Ни треба свежа крв на терен-Отворено со Данило Брестовац, селектор на македонската ракометна репрезентација

Пандемијата запре се, па и ракометот. Нема тренинзи, нема пријателски натпреварувања, кои се тест каде може да се види како без најдобрите понатаму кога ќе се смени комплетно оваа генерација ракометари. За тоа како понатаму ќе се движи ракометот mms.mk разговараше со Данило Брестовац,  селектор на македонската ракометна генерација, кој ни откри и дека изминатиот период на живот со ограничувања, меѓу другото го искористил и за пишување книга за ракометот .

Како ќе се одрази паузата поради пандемијата на коронавирусот врз репрезентативниот ракомет, од физички, но и од ментален аспект? Дали вие сте подготвени да одговорите на тој, можеби и најтежок досега предизвик?

-Сѐ уште е рано да се дискутира какви ќе бидат последиците. Мора да почекаме да видиме како ќе започне клупскиот ракомет, подготовките, пријателските натпревари, турнири, почеток на првенството, европските натпревари. Потоа би можел да дадам оценка колкава штета направи пандемијата на македонскиот репрезентативен ракомет .Тогаш би можел и да го изготвам комплетниот распоред за периодот кој следи.

Како вие го поминавте овој карантински период? Без спорт, без нормален начин на живеење, со многу ограничувања. Дали можеби ви се појави некој нов афинитет, некое ново хоби?

Во периодот кој помина тренерската организација подготви неколку предавања, дискусии меѓу нас тренерите со помош на алатката „Зум“, имавме многу можности за размена на искуства, идеи за правецот во кој би требало да се движат и младинските, кадетските и пионерски екипи во рамките на македонскота реалност нели и со условите на кои се среќаваме. Бев гостин на српската тренерска работилница каде што имав свое предавање и видување за последното Европско првенство, како еден од најталентираните тренери во регионот заедно со Рогановиќ (Црна Гора ) и Хорват (Хрватска ). На покана на ракометното списание „ХандбалВохе“ учествував со уште 38 тренери во една анкета за мое видување на правилото 7 на 6. Почнав да пишувам книга за ракомет и се надевам дека за неколку месеци ќе ја завршам!

Два стари познаници, едните од Ниш и едните уште поблиски од скоро сите  квалификациони турнири за Европски и Светски првенства и една непознаница, која според ранкингот можеме да ја сметаме за тотален аутсајдер. Какви се вашите проценки и прогнози за групата преку која
можеме да се најдеме на Европското првенство во 2022 година?

 

-Во процес сме на правење анализи на противниците. Ние сме во фаза на подмладување на селекцијата но со можност да не го изгубиме континуитетот на големи натпреварувања. Групата е интересна и предизвик за мене како и за ракометарите да ја поминеме и да се избориме за уште едно првенство.

Што и како после Кире Лазаров?

-Истото прашање си го поставувавме и кога се откажуваше Пепи Манасков . Се појави Кире, а сигурен сум дека ќе се појави некој нов предводник можеби сега во името на Филип, Марио, Марко.

Какви се вашите замисли и проекции за македонската ракометна репрезентација? Каде го гледате овој колектив во следните пет-десет години?

-Април месец требаше да го употребиме за проверка на нови сили, тест против Словачка. Требаше во периодот кој помина да го употребиме за три репрезентативни кампови во соработка со Ракометната федерација и на најдобар можен начин да се селектираат нови репрезентативци и да им се посвети повеќе време на индувидуалниот напредок. Одиме напред, пријателските натпревари без најдобрите беа можност да некои играчи се здобијат со интернационална километража, покажаа дека можеме и одиме во таа насока. Мора да бидеме што поспремни кога ќе се смени комплетно оваа генерација. Ни требаат хируршки прецизни потези. Ни требаат многу пријателски натпревари, турнири за да тестираме .

Нашите репрезентативци немаат некоја забележителна минутажа во своите клубови, Мојата визија ќе треба и мора да се поклопи со репрезентативците . Јас ја гледам македонската селекција како една хомогена целина, со повеќе играчи на секоја позиција, пак ќе повторам дека ни требаат многу пријателски натпревари за да можеме да тестираме и постојано да внесуваме свежа крв во најдобрата машка селекција.

Со оглед на возбудливата природа на самата игра и професијата, на кој начин вие како тренер се справувате со стресот? Дали сте од оние тренери кои „работата“ ја оставате на теренот и во моментот кога ќе означи крај на мечот судијата, или „работата“ си ја носите дома?

-Од 15 години бев дел од првиот тим на Вардар, седум години бев помошник во Металург, Шамбери, во најдобрата македонска селекција на големите натпреварувања, главен тренер во Луксембург, Металург и мислам дека сето ова искуство придонесува да во борбата со стресот, тремата и тешките ситуации со кои немам никаков проблем. Дури уживам кога натпреварот ќе влезе во неизвесна завршница. Многу често и дома работам на мојата надградба и секое слободно време го трошам за следење на новитети во светскиот ракомет.

Koлку сте среќен што синот тргна по вашите стапки и може да се случи „таткото да го избере во иднина во репрезентстивниот поширок список“?

-Јас сум среќен што се занимава со спорт и е одличен ученик во РЈ Корчагин. Давид е член на Металург и пионерската ракометна репрезентација, многу работи индувидуално на својот напредок и заедничка цел ни е да од година во година го надградува својот стил на бранење.

Честопати слушаме дека работата со младински категории е есенцијална во создавањето и креирањето успешни ракометари, а со тоа и едно квалитетно јадро на репреентацијата. Впечатокот е дека повеќе се зборува на таа тема, отколку што всушност се имплементира во пракса. Зошто е тоа така и што конкретно е потребно за да почнат да се одврзуваат работите и да се тргне во вистинска насока?

-Сите селектори што биле пред мене не воделе грижа за младите категории. Во минатото сме немале континуитет во работа па ниту сме пријавувале селекции на сите натпреварувања. Во иднина нема да биде така. Во соработка со федерацијата и со амин на претседателот Мукаетов , македонските селекции ќе одат на многу турнири и ќе учествуваме во сите квалификации за големи натпреварувања. Оваа година и минатата и покрај кризата ги поставивме темелите, поставивме селектори кои воедно се и тренери на најдобрите македонски екипи. Самите селектори и тренерите во секоја категорија имаат за задача да ги следат, коригираат и да изготват програми за индувидуална работа на секој репрезентативец.

Бевме за првпат од постоење на кадетски медитерански игри во Грција, освоивме прво место на Балканијада во Бугарија, пионерите за првпат беа на двомеч со Романија. Така што, работиме и ќе работиме на процес за подготовка на ракометарите од најмала возраст за сениорски ракомет.

Враќањето на ракометна мапа на Битола и Еурофарм Работник, предизвика радост кај неутралните љубители на ракометот поради зголемената компетитивност и конкуретност во домашната лига. На кој начин поквалитетното првенство ќе се манифестира врз македонската репрезентација?

-Секако дека Битола е важен ракометен центар во Македонија кој што давал и ќе дава врвни ракометари. Јас сум многу носталгичен кога во минатото имавме лига со осум екипи, концентриран квалитет, развиени центри во Прилеп, Велес, Ресен, Богданци. И пак тврдам дека со една ваква лига би го свртеле вниманието на регионот да појават поголем интерес за нашето првенство и мислам дека едно такво првенство би било на скала под најдобрите три првенства француското, германското и шпанското.

Македонските екипи во европските клупски натпреварувања. Постојат ли реални изгледи и шанси за позначителен успех во сезоната 2020/21?

Секако дека во нашите екипи има квалитет за пробив во европските натпреварувања. Сигурен сум дека ниту една екипа од Европа не ја прима веста со задоволство дека треба да игра со екипа од Македонија.

Давор Јосифоски

Фото: mazedonien-nachrichten.blogspot.com/republika.mk